Просекот на државната матура во јунскиот испитен рок е 3, 66, речиси идентичен со ланскиот кога изнесуваше 3,69, соопштија денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска и директорката на Државниот испитен центар (ДИЦ), Даниела Јовчевска-Михајловска. Тестовите на 226 матуранти се поништени, дел поради препишување, а дел поради пишување со ветачка интелигенција, и тие ќе полагаат сега во август.
Годинава за првпат се полагаше по нова Концепција која предвиде три типа на матура: државна, стручна и уметничка, со што, сите ученици се тестираа по материјалот кој реално го изучувале во четирите години на средно образование.
„Тоа не беше случај во минатото кога сите се тестираа по еден ист материјал. Задоволна сум што две години по ред се одржува речиси идентичен просек, за разлика од 2024 година кога изнесуваше 3,26“, рече Јаневска.
Просекот од државната матура е 3,62, од стручната е 3,91 и од уметничката матура е 3,59. Овие податоци ќе бидат компаративни од следната учебна година, кога по втор пат ќе има полагање по новиот модел.
Одделно по предмети, просечниот успех по мајчин јазик е 3,93, по англиски јазик е 3,31. Просекот по математика е 4,20. Учениците кои полагаа француски јазик остварија просечна оценка од 4,50, по германски јазик 4,70. Руски 4,71, италијански 4.50. По историја просечната оценка е 4,16.
За полагање се пријавиле 14.587 ученици. Од нив, 12.184 за државна матура, 2.276 за стручна матура и 127 за уметничка матура. Вкупно 348 ученици не се појавиле на полагање, или процентуално 2,39% од учениците отсуствуваа.
Михајловска рече дека по однос на резултатите биле поднесени 805 приговори, а 133 ученици извршиле увид во тестовите. Августовската испитна сесија ќе се реализира на 12 август кога се полага странски јазик, а на 14 август е полагањето по мајчин јазик.
„Многу нѐ радува успехот којшто е постигнат по мајчините јазици и успехот по математика и англиски јазик, зборуваме во делот на државната матура. Ако ја гледаме средната оценка за сите предмети, нели зависно и од државна мајчин јазик, и мајчин јазик од државна стручна и државна уметничка, како задолжителен предмет ќе видиме дека имаме постигнато многу добар успех 3,93, што е едно солидно ниво на постигнување во делот на мајчините јазици. Англиски јазик имаме добар успех 3,31. Француски, германски тие веќе ги споделивме, затоа што француски, германски, италијански и руски полагаат само ученици од гимназиското образование коишто нели го изучувале како втор странски јазик – стручните училишта немаат втор странски јазик.
Математика на ниво на матура, на двата вида, државна и државна стручна, имаме многу добар успех 4,20. Ова е висок просек, меѓутоа, станува збор за ученици коишто навистина ја сакаат математиката, ученици коишто доаѓаат од природно-математичко подрачје, тоа се ученици од математичката гимназија, натпреварувачи и затоа имаме вакви убави, солидни резултати. Историја полагаат само учениците од уметничките училишта“, кажа Јовчевска-Михајловска.
Директорката рече дека на 226 ученици им е поништен тестот и тие ќе полагаат повторно во август. На дел од учениците им е и поништен тестот, затоа што некои од нив во текот на самиот испит, од страна на тестаторите и набљудувачите биле забележани како препишуваат или користат недозволени електронски средства. И сите тие тестови се поништени, учениците ќе полагаат во август.
„Оценувачите внимателно го прегледуваат секој тест и при оценувањето е забележано, особено во делот кај есеите, дека се појавуваат исти текстови. Кога ќе се појави ист текст, веднаш нѐ наведува дека или си помагале еден на друг или се снашле, користеле вештачка интелигенција. Така што и тоа е санкционирано и затоа рековме дека имаме 226 кандидати на коишто им е поништен испитот, истите тие сега ќе полагаат“, рече Јовчевска-Михајловска, а министерката се надоврза: „Тие добиваат единица на есејот. Де факто тие паѓаат. Тие не се отстрануваат, туку добиваат нула или единица и го паднале тој испит“.
„Ние знаеме дека децата имаат по два, по три телефони, еден оставаат, другиот останува кај нив. Меѓутоа, сето тоа после тоа лесно се открива. Затоа сакам да знаат сите дека не може на тој начин да се користат. Подобро пет реда да ги напишат со тоа што тие го знаат и го размислуваат“, додаде Јовчевска-Михајловска.
Полагањето на интерните испити и одбраната на проектните задачи ќе се одвива во периодот од 17 до 24 август, во четири градови и ќе биде на осум локации.
За државна матура во август пријавени се 1.328 ученици, за стручна 126 и за уметничка 6 ученици.
Б. НЕСТОРОСКА



