ДЕЛ ОД РАКЕТА НА „СПЕЈСЕКС“ СЕ СУДРИЛ СО МЕСЕЧИНАТА, ПОТВРДИЈА ДВЕ ОПСЕРВАТОРИИ

    ДЕЛ ОД РАКЕТА НА „СПЕЈСЕКС“ СЕ СУДРИЛ СО МЕСЕЧИНАТА, ПОТВРДИЈА ДВЕ ОПСЕРВАТОРИИРакетата беше лансирана од Флорида во јануари (Фото: АП)

    Залутано парче од ракета на „СпејсЕкс“, кое се движело во орбитата со брзина од околу 8.690 километри на час, вчера се судрило со Месечината, потврдија две опсерватории. Станува збор за горниот, потрошен дел од вселенското летало „Фалкон 9“, со големина на петкатна зграда и со тежина од најмалку четири тони.

    Ниту едно од неколкуте вселенски летала што кружат околу Месечината не било позиционирано така за да направи снимки од ударот во крупен план. Но, опсерваторијата „Паранал“ во Чиле и Големиот телескоп на Европската јужна опсерваторија (ЕСО) откриле блесоци светлина поврзани со ударот.

    Можеме да потврдиме дека телескопот открил спектрални линии на натриум и литиумски гас во облакот од ударот, што постоел 5-10 минути“, изјави портпарол на ЕСО.

    Експертите претходно најавија дека судирот нема да биде видлив од Земјата со голо око, но луѓето со пристап до софистициран телескоп можеби ќе можат да видат блесок што зрачи од површината на Месечината. Судирот не се сметаше за опасен, но научниците го гледаа како единствена можност да проучат што се случува кога некој објект ќе ја погоди Месечината.

    НАСА ќе продолжи да го набљудува местото на ударот за научни цели, но нема опасност за Земјата“, изјави портпаролот на НАСА, Џими Расел.

    Ракетата беше лансирана од Флорида во јануари, носејќи два месечеви лендера. Задачата на ракетата беше да го испали својот горен дел доволно силно за да ги испрати лендерите надвор од Земјината орбита и на патека кон Месечината, во што и успеа. Но, другиот дел остана да лебди во долга, кружна орбита, пред да се насочи кон Месечината. 

    Ударите на вселенски отпад во Месечината се ретки. Дел од кинеска ракета се урна во Месечината во март 2022 откако заврши пробна мисија.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира