Повисоки откупни цени на пиперката куртовска капија, исплата на ланските субвенции за ајварката и навремена исплата на предадените количини пиперка кај откупувачите и преработувачите побараа струмичките земјоделци на денешниот протест на крстосницата кај Робово. Тие два дена бараат средба со министерот за земјоделство Борче Серафимовски за да ги дефинираат цените во соработка со откупувачите и преработувачите.
„Бараме зголемени и фиксно дефинирани цени и тие да важат за цела сезона. Бараме прва класа пиперки да се откупува по цена од 50 денари, прва и втора за 40 и втора класа за 20 денари. Преработувачките капацитети да ја извршат исплатата на предадените количини во рок од три месеци, а од државата бараме исплата на субвенциите како за предаден килограм во преработувачките капацитети, така и за засеана површина“, кажа Гоце Јовев од здружението „Млади Муртино“.
Земјоделците од Струмичко иницирани од здружението „Млади Муртино“ два часа ја блокираа крстосницата кај Робово. Сообраќајот кон Робово, Муртино и Банско беше во прекин или се пренасочуваше по други патишта. Земјоделците сметаат дека годинава цената на ајварката не смее да падне под 45 денари за килограм.
„Велат скапо било, но дали некој нас не прашува колку трошоци имаме, колку инвестираме. Цените на земјоделските репроматеријали отидоа до плафон, ветерот ми уништи над 30 пластеници каде произведувам пиперки. Бензините скокнаа на 100 денари. Ова е срамота“, кажа Борче Стојанов, земјоделец.
Денеска во Струмица се очекува да пристигне министерот за земјоделство Борче Серафимовски. Ќе има средби со производителите на куртовска капија, но и со откупувачи и преработувачи.
В. ТРАЈКОВ



