ЛИЦАТА НАД 65 ГОДИНИ ДА НЕ ИЗЛЕГУВААТ НАДВОР ОД 11 ДО 17 ЧАСОТ ПОРАДИ ТОПЛОТНИОТ БРАН, АПЕЛИРА ИНСТИТУТОТ ЗА ЈАВНО ЗДРАВЈЕ

    ЛИЦАТА НАД 65 ГОДИНИ ДА НЕ ИЗЛЕГУВААТ НАДВОР ОД 11 ДО 17 ЧАСОТ ПОРАДИ ТОПЛОТНИОТ БРАН, АПЕЛИРА ИНСТИТУТОТ ЗА ЈАВНО ЗДРАВЈЕСпоред УХМР, дневната температура во некои места ќе достигне до 40 Целзиусови степени. (Фото: К. Попов)

    Лицата над 65 години се почувствителни на здравствените ефекти од високите температури и топлотните бранови. Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) вели дека согласно националните и меѓународните препораки, лицата над 65 години се сметаат за една од ризичните категории на населението.

    Според Управата за хидрометереолошки работи (УХМР), продолжува периодот на сончево и многу топло време со мала до умерена локална облачност. Дневната температура во некои места ќе достигне до 40 Целзиусови степени. Високи температури ќе се задржат и во текот на ноќните часови

    Институтот за јавно здравје објави повеќе препораки за возрасните лица, бидејќи со возраста, организмот потешко се приспособува на високите температури. Дополнително, повозрасните лица почесто имаат хронични заболувања и користат редовна терапија, а одредени лекови може да влијаат врз нормалните реакции на организмот на топлина.

    Што треба да направат лицата над 65 години?

    • Избегнувајте изложување на сонце, вклучително и работа и физичка активност на отворено, во периодот од 11 до 17 часот.
    • Носете лесна, светла и широка облека, очила за сонце и капа или шапка со широк обод. При изложување на сонце користете средство за заштита од сонце со заштитен фактор (SPF) 30 или повисок.
    • Внесувајте доволно течности и не чекајте да почувствувате жед за да пиете вода. Избегнувајте алкохолни пијалаци и ограничете го внесот на пијалаци што содржат кофеин. Доколку вашиот лекар ви го ограничил внесот на течности поради одредена здравствена состојба, консултирајте се со него за количеството течности што треба да го внесувате за време на топлото време.
    • Одржувајте пријатна температура во домот и избегнувајте негово дополнително загревање. Во текот на денот користете ролетни, завеси или други начини за заштита од директна сончева светлина, а просториите проветрувајте кога надворешната температура е пониска. Доколку користите уред за климатизација, избегнувајте прекумерно разладување на просторијата и нагли температурни промени. Избегнувајте користење шпорет, рерна и други уреди што дополнително го загреваат домот во периодот од 13 до 17 часот.
    • Разладувајте го телото. Туширајте се со млака или посвежа вода, користете влажни крпи и престојувајте во најладниот дел од домот или во климатизирана просторија, доколку е достапна.
      Доколку имате хронично заболување, особено внимателно почитувајте ги препораките и редовно земајте ја пропишаната терапија. Не ја менувајте и не ја прекинувајте терапијата без консултација со лекар. При промена или влошување на здравствената состојба, задолжително консултирајте го вашиот избран (матичен) лекар.
    • Одржувајте редовен контакт со членовите на семејството, пријателите и соседите. Доколку живеете сами, особено е важно во периоди на високи температури да одржувате редовна комуникација со блиските лица, со цел навремено препознавање на евентуални промени во здравствената состојба и обезбедување помош доколку е потребно.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира