ЖЕНА И ТРИ ДЕЦА СЕ ПОВРЕДЕНИ ВО СУДИР НА ТРИ КОЛИ И КАМИОН СО ДРВА НА ПАТОТ ГОСТИВАР-СТРАЖА

    ЖЕНА И ТРИ ДЕЦА СЕ ПОВРЕДЕНИ ВО СУДИР НА ТРИ КОЛИ И КАМИОН СО ДРВА НА ПАТОТ ГОСТИВАР-СТРАЖАВо неделата попладне колоната беше од првиот каменолом до семафорот кај Гостивар, при што несовесни возачи на ризик претекнуваа навлегувајќи во втората лента што е за претекнување во спротивниот правец, па во случај да наиде возило немаат каде да избегаат од директен судир и може да се удрат во возилата што прописно стојат  во колоната. (Фото: СДК.МК)

    Четири возила, меѓу кои и камион натоварен со дрва, утринава се судрија на патниот правец Гостивар-Стража во близина на каменоломот „Прогрес 98“. Несреќата предизвика сериозни проблеми во сообраќајот и се создадоа долги колони од возила во двата правци на патот кој има само три сообраќајни ленти.

    Според првичните информации, во судирот учествувале три патнички автомобили и еден камион што превезувал дрва. Од силниот удар дел од товарот се растурил по коловозот, дополнително отежнувајќи го движењето на останатите возила на оваа фреквентна делница.

    На местото веднаш беа испратени полициски екипи и службеници за увид.

    „Денеска (10.08.2026) во 07:40 часот во ОВР Гостивар е пријавено дека се случила сообраќајна незгода на магистрален пат во близина на каменолом во Гостивар, помеѓу товарно возило и четири патнички моторни возила. Во незгодата со телесни повреди се здобиле три малолетни деца и едно женско лице кои биле во едно од возилата, констатирани во Медицински центар во Гостивар. Увид на местото врши екипа од ОВР Гостивар“, соопшти СВР Тетово.

    Полицијата врши увид за да ги утврдат причините за несреќата. Додека трае расчистувањето на патот и отстранувањето на оштетените возила, сообраќајот се одвива наизменично по една лента, што предизвикува подолги колони во насока кон Кичево и кон Гостивар. Според последните информации добиени од СВР Тетово, жената и трите малолетни деца имале полесни повреди.

    Иако полицијата уште не ги соопштува причините за сообраќајната несреќа, најверојатно и овојпат станува збор за брзо возење и непрописно претекнување на колона возила, што е крајно ризично на овој пат со три ленти. За време на летната сезона фрекфенцијата на патните правци кон Маврово и кон Охрид и Струга е неколкукратно зголемена. Во шпицовите за време на викендите се прави колона возила кои од правецот на Маврово кон Гостивар се протега од над првиот каменолом до семафорот кај Вруток на влезот на Гостивар. Постои голем ризик поради тоа што несовесни возачи се обидуваат да ја претекнат колоната, навлегувајќи во втората лента што е за претекнување во спротивниот правец, па во случај да наиде возило немаат каде да избегаат од директен судир и може да се удрат во возилата што прописно стојат  во колоната.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира