Денес на гробиштата во Љубојно беше погребан Васко Томулевски (44) еден од најголемите борци за ова преспанско село да остане живо. Со право преспани го нарекуваа Душата на Љубојно. Томулевски загина во сообраќајна несреќа на 9 август, кога возејќи мотоцикл изгуби контрола и излета од патот.
Продавницата и ресторанот на сретсело кои со години ги држеше, беа главно сврталиште не само на Љубојно, туку и во цела Преспа. Организираше настани, забави, средби, еколошки акции и други активности, само за да живее крајот.
Беше дел од отпорот на групата „Сите го сакаме Љубојно“ која протестирајќи секојдневно четири месеци успеа да ја запре голеата сеча во манастирската шума и да го спаси селото од ерозија, поплави и други негативни последици.
Томулевски беше главната комуникациска врска на новинарските екипи со Преспа. Немаше што не знаеше, самиот покренуваше иницијативи за Љубојно да се пишува и зборува во медиумите.
Сонуваше за денот кога ќе се отвори граничниот премин Маркова Нога-Лемос, очекувајќи да донесе дополнителен туристички импулс за заживување на Преспа.
„Со мојот пријател Васко Томулевски-Душата на Љубојно, сонувавме за денот кога границите повеќе нема да нè разделуваат. За денот кога луѓето од трите страни ќе можат слободно да се среќаваат, да соработуваат, да создаваат и да ја споделуваат убавината и богатството на ова уникатно место. Ќе се сеќавам на нашето пријателство, на нашите заеднички соништа и на една Преспа која нè научи дека, и покрај границите, луѓето секогаш можат да бидат блиски“, напиша на социјалните мрежи неговиот пријател и туристички работник Василопулос Стратос од Грција.
Со смртта на Томулевски, Љубојно загуби еден од најгласните борци за неговото опстојување, но продолжува приказната за селото за кое тој живееше.
Ж. ЗДРАВКОВСКА



