Од 13 август до 14 септември ќе трае јавната анкета за Нацрт-Деталниот урбанистички план (ДУП) за Градска четврт Ј 05 – Барутанаво Скопје. Со планот на планината Водно ќе се сече шума за да се градат хациенди. Се предвидува изградба на дваесетина нови објекти, кои ќе се градат на стрмен предел и имаат голема површина за градба.
Општина Центар соопшти дека граѓаните ќе можат своите забелешки да ги наведат во анкетни листови во писмена форма, секој работен ден од 8 до 16:00 часот, во просториите на ООУ „Кочо Рацин“ на улица Салвадор Аљенде бр. 2, каде што нацрт-планот ќе биде изложен во хартиена форма.
„Анкетните листови ќе бидат достапни и во електронска форма преку веб-страницата на Општина Центар, како и преку информацискиот систем е-урбанизам . Дополнително, јавната презентација на Нацрт ДУП-от ќе се одржи на 3 септември 2026 година, со почеток во 12 часот, во просториите на Општина Центар, во сала за состаноци, барака 6“, велат од Општина Центар.
Нацрт-планот беше усвоен на 14 јули на седницата на Советот на Општина Центар и за него здружно гласаа советниците на ВМРО-ДМПНЕ и СДСМ. Советниците од „Шанса за Центар“, Левица, ЗНАМ и по еден советник од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ беа против.
„Овој предел е шума која ја засадиле нашите сограѓани после Втората светска војна за да се заштите Водно од ерозија на земјиштето. Сите знаеме што значи ако почне да се јавува ерозија и свлечишта. Уништуваме шума и зеленило од 9.000 метри квадратни за да се градат 13 објекти за некој инвеститор да гради. Сега се хациенди со површина за градба од 700 до 1.000 квадрати, па ќе станат згради. Па зар за неколку моќници ќе го ставиме целиот град во опасност? Исто така, за да се стигне до овие објекти треба да се пробијат улици, а тој предел е доста стрмен и Општината треба да донесе инфраструктура. Сето тоа ќе ја чини многу повеќе отколку парите што ќе ги добие од комуналии. Планот, и овој што сега се предложува и претходните, се спротивни на Генералниот урбанистички план (ГУП) бидејќи ги надминуваат параметрите. Со ГУП-от се предвидува бруто површина за градба од 6.500 метри квадратни, а на овој дел веќе изграденоста е 16.000 метри квадратни. Сега со планот се предвидува 29.000 метри квадратни бруто површина за градба. Ние со носење на план за 100 жители ги доведуваме во опасност сите граѓани на Скопје. За кого работите вие, за кого сме избрани, за овие сто моќници или за сите жители на Центар? Ве замолувам да гласате со своја глава и да не го дозволиме овој план“, рече советничката и архитектка Билјана Филиповска-Тодорчевска од „Шанса за Центар“.
Планскиот опфат е дефиниран на север, исток и запад по оска на новопланираната собирна улица „Јужна обиколница“, а на југ по границата на Генералниот урбанистички план на Град Скопје. Вкупната површина на планскиот опфат изнесува 6,89 хектари.
Деталниот урбанистики план (ДУП) е изработен по барање на Друштвото за градежништво, промет и трговија „Лутарико“.
А. АНТЕВСКА



