Одлуката на Советот Општина Куманово да земе кредит од 1, 6 милиони евра кај комерцијалните банки не е донесена согласно законот, утврдил Државниот инспекторат за локална самоуправа, откако советниците на СДСМ поднесоа преставка за законитост на постапката.
Мнозинството во Советот на Општина Куманово на 4 јули годинава, изгласа Општина Куманово да почне постапка за задолжување кај комерцијални банки во износ од 100 милиони денари за купување камиони за Јавното претпријатие (ЈП) „Чистота и зеленило“ и поставување фотоволтаични системи за ЈП „Водовод“. Предлог-одлуката ја поддржаа советници од ЗНАМ, коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ и „Вреди“, која беше усвоена со 16 гласа „за“, пет „против“ и еден „воздржан“.
Како што најавија и на самата седница, советничката група на коалицијата СДСМ, поднесе барање од Државниот инспекторат за локална самоуправа и до Државниот управен инспекторат, да се испита дали пред донесување на одлуката за долгорочно задолжување е спроведена јавна расправа за проектот и за условите за негово финансирање, кои се предвидени согласно член 20 став 2 од Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа.
„По извршениот вонреден инспекциски надзор Инспекторатот за локална самоуправа утврдил неправилности во работење на органот за надзор т.е Советот на Општина Куманово, односно дека донесениот пропис не е во согласност со член 20 од Законот за финансирање на единиците за локална самоуправа и поради оваа неусогласеност инспекторатот ќе изготви решение за запирање на примена на прописот“, изјави на прес конференција координаторот на советничката група на коалицијата, Томица Илиќ.
Според него во понатамошната постапка, Инспекторатот ќе достави иницијатива до Уставниот суд кој ќе ја утврди усогласеноста со законот, а тој верува дека врз основа на известувањето, ќе се потврди тоа што тие го барале од мнозинството, одлуката и да се спроведе законски.
„Владејачкото мнозинство немаше слух за незаконитоста во постапката, па затоа сега се отвара прашањето дали свесно работеа против законски заради некои други цели, бидејќи сумата од 100.000.000 денари и начинот на кој ги одбија сите наши укажувања отвараат сериозен сомнеж во намерите на мнозинството“, кажа Илиќ.
Тој најави дека ќе побараат морална и политичка одговорност, а ќе поднесат прекршочна и кривична пријава до претседателката на Советот, Ивана Ѓорѓиевска, бидејќи дозволила предлог -одлуката која не е во согласност со законот да се најде на дневен ред на седница, но и до градоначалникот кој ја потпишал одлуката објавена во Службен гласник.
Од Општина Куманово велат дека постапката за задолжување е целосно законска, а наодите на Инспекторот се резултат на погрешно толкување на правото.
„Констатациите на Државниот инспектор за локална самоуправа, содржани во Записникот ИП1 број 21-702 од 04.08.2026 година, се целосно неосновани и произлегуваат од еднострано и буквално толкување на законот, кое е во директна спротивност со други важечки законски прописи и со самата логика на постапката. Поради тоа, Општина Куманово, во законски предвидениот рок, ќе поднесе детален и аргументиран приговор против наведениот записник, согласно член 22 од Законот за Државниот инспекторат за локална самоуправа. Убедени сме во исправноста на нашата постапка и подготвени сме истата да ја докажеме пред сите надлежни институции, вклучително и пред Уставниот суд, доколку Инспекторатот, воден од политички мотиви, истрае во својата намера“, стои во писмената реакција на градоначалникот Максим Димитриевски.
Понатаму се наведува дека постапката за долгорочно задолжување е сложен, повеќефазен процес, а одлуката на Советот е почетен чекор, кој ќе продолжи со согласност од Министерството за финансии и понуди од комерцијалните банки, по што ќе следува јавната расправа. Обвинувањата од опозицијата за нив се координирана хајка на СДСМ и ним блиските структури во државните институции за да се спречи реализацијата на проектот „Еко ефикасни јавни претпријатија“ и развојот на Куманово.
„Наместо да се борат за почист град и поевтина вода, советниците на СДСМ и нивната централа се борат против тоа. Наместо да го поздрават домаќинското работење, тие поднесуваат претставки и слават прелиминарни записници, надевајќи се дека ќе го запрат развојот на Куманово. Ова е врв на политичкото лицемерие и доказ дека за нив партиските интереси секогаш се над интересите на граѓаните“, стои во реакцијата.
Барањето за задолжување на Општината се совпадна со укинувањето на бесплатниот јавен превоз на 1 јули, кој траеше три и пол години и ја чинеше Општината околу 4 милиони евра, што предизвика револт кај советниците од опозицијата, бидејќи сметаат дека непотребно се фрлени големи пари на сметка на големиот број на нерешени проблеми во градот, меѓу кои и во јавните претпријатија.
С. НИКОЛИЌ



