Инклузивна велосипедска тура за лица со и без попреченост ќе се одржи на 15 август во Претор, Преспа во рамки на проектот „Преспански аванТУРИ“. Целта е да се испрати порака дека природата, рекреацијата и туристичките содржини треба да бидат достапни за сите, а велосипедизмот како спортска активност не е само за лица без попреченост туку и за сите.
Турата почнува во 9 часот од крстосницата кај Претор, по крабрежниот појас се стигнува до Сливница, а потоа учесниците повторно се враќаат во Претор. На неа покрај стандардни, ќе се возат и велосипеди наменети за лица со попречености, а по трката програмата продолжува со пикник, дружење и презентација и пробување на адаптивните велосипеди.
„Во Македонија нема други велосипедски тури на кои учествуваат и лица со адаптивни велосидеди. Сакаме да се подигне оваа тема на повисоко ниво, да покажеме дека ваквите активности се потребни, за понатаму и други организатори нивните настани да ги прилагодат за лица со попреченост“, вели Гере Трипков од здружението „Икуалити“ кое е организатор на турата заедно со „Иднина на традицијата“ од Ресен.
Во Македонија има над дваесетина лица кои возат адаптивни велосипеди. Посебна вредност на турат е можноста учесниците да се запознаат и да испробаат пет различни видови адаптивни велосипеди, наменети за лица со различни видови попреченост. По завршувањето на турата, тие ќе станат дел од понудата на велосипеди за изнајмување во Преспа, со цел велосипедскиот туризам во Преспа да стане подостапен за што поголем број посетители.
„Повикот за пријавување учесници е отворен до 14 август. Ова е влог во развојот на инклузивниот велоиспедизам. Од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) добивме информација дека ќе се направат 50 километарски патеки околу езерото во следните 2 години, што е супер можност во рекреативните активности да се вклучат и лица со попрченосто“, вели Трипков.
Турата е дел од проектот „Магијата на Преспа“ од програмата „ЕУзаПреспа“, поддржана од Делегацијата на Европската Унија, a реализирана од УНДП во партнерство со други вклучени страни.
Ж. ЗДРАВКОВСКА



