СЕ КОЦКАЛЕ ЗА ПАРИ 25 ОТСТО ОД УЧЕНИЦИТЕ НА 15 И 16 ГОДИНИ, ОВА ТРЕБА ДА СЕ ТРЕТИРА КАКО ПРОБЛЕМ НА ЈАВНО ЗДРАВЈЕ, ВЕЛИ АСОЦИЈАЦИЈАТА ХЕРА

    СЕ КОЦКАЛЕ ЗА ПАРИ 25 ОТСТО ОД УЧЕНИЦИТЕ НА 15 И 16 ГОДИНИ, ОВА ТРЕБА ДА СЕ ТРЕТИРА КАКО ПРОБЛЕМ НА ЈАВНО ЗДРАВЈЕ, ВЕЛИ АСОЦИЈАЦИЈАТА ХЕРААсоцијацијата за здравствена едукација и истражување – ХЕРА Млади, заедно со Иницијативата „Фрли ја коцката!“ со герила акција низ Скопје во чест на 12 Август, Меѓународниот ден на младите. (Фото: ХЕРА)

    Дваесет и пет отсто од  учениците на возраст од 15 до 16 години во Македонија се коцкале за пари во последните 12 месеци,  34 отсто од момчињата и 16 отсто од девојчињата, сe вели во националното истражување ЕСПАД 2024. Истражувањето го објавија Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување – ХЕРА Млади, заедно со Иницијативата „Фрли ја коцката!“, во чест на 12 Август, Меѓународниот ден на младите.

    Тие додаваат дека е уште позагрижувачки што меѓу учениците кои се коцкаат, уделот на проблематично коцкање се зголемил од 4,5 отсто во 2019 на 7,6 насто во 2024 година.

    „Казина, обложувалници, онлајн платформи и реклами што ветуваат ‘брза добивка’ се лесно достапни во средина во која младите истовремено се соочуваат со невработеност, финансиска несигурност, нарушено ментално здравје и сè поголема желба да ја напуштат државата. Податоците веќе го палат алармот со загрижувачки бројки“, велат од ХЕРА.

    Младинската невработеност кај лицата од 15 до 29 години во земјава во 2024 била 23,6 отсто, а според Студијата за млади на Фондацијата „Фридрих Еберт“, 45,3 отсто од вработените млади не работат во професијата за која се образувале.  67,7% отсто од младите имаат одреден степен на желба за иселување, најчесто поради подобар животен стандард, повисоки плати, корупцијата и подобрите можности за вработување.

    „Особено загрижува што овие ризици се преклопуваат со веќе сериозните предизвици со менталното здравје кај младите и тешко достапните услуги за психолошка поддршка. Истражувањето на Универзитетската клиника за психијатрија  Скопје, спроведено во контекст на ковид-19 пандемијата, покажа дека речиси 30 отсто  од испитаните адолесценти имале умерени до тешки депресивни симптоми, а 42,1% умерени до тешки симптоми на анксиозност. Коцкањето затоа треба да се третира како прашање на јавно здравје, ментално здравје, финансиска писменост и заштита на младите“, велат од ХЕРА Млади и Иницијативата „Фрли ја коцката!“ .

    За да се намали и спречи оваа зависност, тие меѓудругото  бараат: доследна примена на регулативата и контрола на оддалеченоста на објектите од училиштата, како и строга контрола на рекламирањето на игрите на среќа, особено на интернет, социјалните мрежи и во содржини насочени кон младите.

    „Од младите се очекува да учат, да работат, да останат во земјата и сами да изградат сигурна иднина. А што им нуди средината? Несигурни приходи, малку можности и коцкање на секој чекор како ветување за полесен живот. Не сакаме нашата држава младите со горчина да ја ословуваат како ‘Република коцкарска Македонија’. Но токму оваа порака денес го изразува нашиот револт од општество во кое понекогаш е полесно да најдеш обложувалница отколку културен центар“, реагираат тие.

    На 29 јуни, Собранието го усвои новиот Закон за игрите на среќа и за забавните игри, со кој се воспоставува значително појасна и построга регулаторна рамка за целиот сектор. Министерството за финансии кажа дека со законските измени, прво се предвидува засилена контрола и надзор врз приредувањето на игрите на среќа заради намалување на сивата економија и спречување на финансиски злоупотреби. Новина е и воведувањето задолжителна оддалеченост од најмалку 500 метри помеѓу објектите за игри на среќа и основните и средните училишта, што се оценува како мерка за заштита на младите.

    Нејасно е како ќе се спроведе оваа одредба, со оглед дека во многу градови во земјава, па и во центарот на главниот град, казината и кладилниците се речиси спроти основни школи и градинки.

    Од Министерството велат дека законот е усогласен и со меѓународните стандарди за спречување перење пари и финансирање тероризам.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира