Основното јавно обвинителство (OJO) Скопје оформи предмет по допрен глас за да ги провери информациите за енормно загадување на природата со отпад во заштитеното подрачје во близина на изворите Рашче. Изминативе деновиве беа објавени видеа и фотографии со огромна депонија во близина на изворите. Депонијата не се наоѓа на територијата на Град Скопје и е оддалечена околу 30 километри од изворите Рашче.
Од ОЈО велат дека надлежен јавен обвинител ќе ги координира активностите на Државниот инспекторат за животна средина и надлежните инспекциски служби со цел да се извршат проверки во однос на потеклото на депонијата, како и можните последици.
„Доколку бидат утврдени елементи на кривично дело против животната средина и идентификувани сторители, јавното обвинителство ќе постапи согласно надлежностите за кривичен прогон“, вели Обвинителството.
Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски вчера објави дека депонијата постои веќе 30 години, но без разлика на тоа, секоја депонија која претставува еколошки проблем треба да биде исчистена.
„ ЈП ‘Водовод и канализација’ Скопје е задолжено да постапи во рамки на своите надлежности, а Град Скопје ќе застане со целосна поддршка за оваа локација да биде расчистена, иако не е на наша територија. Истовремено, сакам јасно и недвосмислено да порачам – водата што ја пијат скопјани е безбедна. Изворот Рашче е под постојан, 24-часовен надзор и обезбедување. Станува збор за простор кој е силно заштитен со видеонадзор, како и со физичко обезбедување на голема површина околу изворот. Скопје има безбедна вода за пиење“, објави скопскиот градоначалник.



