Вчера попладне пожар изби во селото Богомила, Велешко во кој гореле стотина дрвени користени железнички прагови, складирани на железничката станица во селото за реупотреба, а огнот се проширил и кон првите куќи.
„Драматично беше во селото Богомила во Општина Чашка, каде огнот дојде до првите куќи. Благодарение на брзата интервенција на локалното население и на пожарникарите од Велес, пожарот беше локализиран, ставен под контрола и изгаснат“, кажа Стојанче Ангелов, директор на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС).
Праговите кои гореа се канцерогени и се забранува да се користат за палење и греење. Хемикалиите во дрвото создаваат црн, густ и силно загадувачки чад, а токсичните материи го трујат воздухот, почвата и подземните води.
Во Законот за заштита на животната средина се вели дека „палењето на стари железнички прагови е строго забрането и претставува сериозна опасност за здравјето на луѓето и природата“. Железничките прагови се премачкани со креозот или други опасни хемикалии за заштита од гниење, кои при горење испуштаат отровни и канцерогени гасови.
„Добивме пријава за пожар во Богомила, екипите на Територијална противпожарна единица (ТППЕ) Велес беа на терен од 17 до 23:15 часот, кога пожарот е локализиран. Изгореа околу 8 декари ниско стеблеста и деградирана шума и железнички прагови“, соопшти Димче Јованов, командир на ТППЕ од Велес.
Единицата интервенирала со четворица пожарникари и две возила. На терен биле и доброволците од Доброволното пожарникарско друштво „Бабуна“ и цистерна на „Комуналец“ од Чашка, како и бројно локално население кое ги спасувало куќите од огнот. Интервенирал и противпожарниот воз на Македонски железници кој е таму присутен и денес, заради контрола на состојбата.
Поради пожарот железничкиот сообраќај на релација Велес-Битола вчера попладне и вечерта беше во прекин неколку часа.
П. ПЕЧКОВ



