Почина прочуената словенечка актерка Милена Зупанчич. Имаше на 79 години. Во текот на својата кариера долга повеќе од пет децении, одиграла над 120 театарски и повеќе од 80 филмски и телевизиски улоги.
Зупанчич е родена на 18 декември 1946 година, а детството и младоста ги поминала во Бохињска Бела. Дипломирала во 1969 година со улогата на Клер во претставата „Слугинките“, работена според делото на Жан Жене.
Истата година се вработила во Градскиот театар во Љубљана, од 1979 била членка на Драмата при Словенечкиот народен театар во Љубљана, од 1985 до 1987 на Словенечкиот младински театар, а потоа една година работела како слободен уметник, додека од 1989 повторно била членка на Драмата во Љубљана.
Пошироката публика надвор од театарските кругови ја памети по улогата на Мета во филмот „Цвеќиња во есен“ во режија на Матјаж Клопчич од 1973 година.
За својата работа ги доби најзначајните словенечки признанија од областа на културата, театарот и филмот, меѓу кои наградата „Прешерн“ за животно дело, „Борштниковиот прстен“ и Златниот орден за заслуги.



