Еден ден по асфалтирањето, фирмата изведувач ископа дел од турениот асфалт на новата улица СТУ 3 во битолската касарна. За неа градоначалникот Тони Коњановски на 14 август објави видео снимено со дрон, во кое се пофали дека улицата е асфалтирана, инвестицијата е од 19 милиони денари (околу 308.000 евра) и дека ќе има 100 паркинг места. Но, следниот ден, 15 август, советниците од опозицијата објавија снимки од раскопаниот асфалт.
„Зошто се прават вакви пропусти, кој ќе ги надополни овие штети? Зошто се прават грешки, зошпо новиот асфалт повторно е отстранет? Граѓаните заслужуваат одговор“, рече советничката од СДСМ Софија Ристевска-Петрушева.
Советникот Иван Чулакоски од независната граѓанска иницијатива Поинаку новата улица ја нарече „Фушарска 3, вчера асфалтирана, а денес крпена“.
„Излезе градончалникот со дронови тука снимаа, СТУ 3 улица во касарната, вели, се асфалтира, 19 милиони денари ивестиција од повикот на Владата, само по 24 часа, нема ни толку, улицата раскопана. Сечи си, копај си и наново асфалтирај си“, критикуваше Чулакоски.
Од Општина Битола за настанатата ситуација го испратија соопштението на градителот „БВ Инженеринг“ во кое се вели дека по врнежите на 14 август, иако асфалтот бил изведен со задоволителен квалитет, одлучиле, на свој трошок, да остранат дел од него, заради обезбедување соодветен квалитет и трајност на изведбата. Од фирмата велат СТУ 3 е сè уште во фаза на изградба и не е предадена на инвеститорот, а дотогаш забрането е движење на надворешни лица.
Ова е новопроектирана сообраќајница која ги поврзува улиците Глигор Прличев и Рокдајл, со вкупна должина од 421 метар, а средствата се обезбедени од првиот повик на Владата преку Министерството за транспорт и врски.
Претходно, беше изведен сепаративен систем за фекална и атмосферска канализација од над 7 милиони денари (над 113.000 евра) и улично осветлување од 1,9 ммилиони денари (над 30.000 евра) обезбедени исто така од владиниот повик. Беше поставена е и нова водоводна инсталација од 2 милиони денари (над 32.000 евра), со средства од Општина Битола.
Забележани се и други помали и поголеми сообраќајници во градот кои по реконструкцијата на мрежите биле повторно прекопувани, при што Општина Битола изјавувала дека трошоците за санација се на товар на изведувачот. Такави се Бурса, Стив Наумов, кружниот тек кај старата Ветеринарна станица, делови од новиот булеварски влез и други, а на улицата СТУ 5 аголот од трансформаторот излегува на коловозот.
Ж. ЗДРАВКОВСКА



