ВО ХРВАТСКА УАПСЕН УКРАИНЕЦ ОСОМНИЧЕН ЗА САБОТАЖАТА НА ГАСОВОДОТ „СЕВЕРЕН ТЕК“, БИЛ ДЕЛ ОД ТИМОТ ШТО ГО ПОСТАВИ ЕКСПЛОЗИВОТ НА ДНОТО НА БАЛТИКОТ

    ВО ХРВАТСКА УАПСЕН УКРАИНЕЦ ОСОМНИЧЕН ЗА САБОТАЖАТА НА ГАСОВОДОТ „СЕВЕРЕН ТЕК“, БИЛ ДЕЛ ОД ТИМОТ ШТО ГО ПОСТАВИ ЕКСПЛОЗИВОТ НА ДНОТО НА БАЛТИКОТКомандантот на операцијата, Серхиј К., беше уапсен од италијанската полиција одморалиште во Сан Клементе. (Фото: ДПА)

    Украински државјанин е уапсен денеска во Пула, Хрватска, поради сомнение за поврзаност со подводните експлозии од 2022 година кои ги оштетија гасоводите „Северен тек“ меѓу Русија и Германија, соопшти германското сојузно обвинителство.

    Германските обвинители наведуваат дека постои сериозно сомнение дека осомничениот заедно со други лица предизвикал експлозија на гасоводот, со што извршил противуставна саботажа и уништување инфраструктурен објект. Украинецот Володимир З., чие полно презиме не се објавува согласно германските закони за заштита на приватноста, го уапси хрватската полиција врз основа на европски налог за апсење, во акција координирана од Дирекцијата на полицијата во Загреб. По екстрадицијата од Хрватска, тој треба да биде изведен пред истражен судија на Сојузниот врховен суд во Карлсруе.

    Главното државно обвинителство во Карлсруе во налогот за апсење наведува дека Володимир З. е обучен нуркач и дека припаѓал на групата собрана околу Серхиј К., против кого се води одвоена постапка. На оваа група ѝ се става на товар дека во септември 2022 година во близина на данскиот остров Борнхолм во Балтичкото Море поставила експлозивни направи на гасоводите „Северен тек 1“ и „Северен тек 2“. Осомничениот учествувал во нуркањата за поставување на експлозивот. За превоз користеле едрилица испловена од германското пристаниште Рошток, претходно изнајмена од германска компанија преку посредник со фалсификувани лични документи. Експлозивните направи детонираа на 26 септември 2022 година и предизвикаа тешки оштетувања на двата гасовода.

    Против Серхиј К. германското сојузно обвинителство на 30 јуни 2026 година поднесе обвинение пред судот во Хамбург. Тој претходно беше лоциран во Полска, но полските власти одбија да го уапсат и екстрадираат во Германија, што доведе до дипломатски проблеми меѓу Берлин и Варшава. Тригодишната истрага на германските детективи, за која пишува „Волстрит џурнал“, откри дека зад саботажата стоела елитна украинска воена единица командувана од тогашниот врховен командант Валериј Залужни, денес амбасадор во Лондон.

    Истражителите ја реконструираа операцијата преку изнајмените пловила, телефонските повици, регистарските таблички и тимот составен од тројца специјалци и четворица искусни нуркачи. Клучниот пробив се случил кога германска камера за брзина снимила еден од нуркачите во автомобил, по што полицискиот софтвер за препознавање лица ја поврзал сликата со профили на социјалните мрежи.

    Кога агентите го лоцирале нуркачот во Полска, тој со возило со дипломатски таблички управувано од украински воен аташе бил префрлен назад во Украина, откако полските власти му дојавиле на Киев за подготвувањето на апсењето. Командантот на операцијата, 46-годишниот ветеран на тајната служба СБУ Серхиј К., подоцна бил лоциран преку хотелските резервации на сопругата додека патувале на одмор кон Италија, каде што карабинерите го уапсија во одморалиште во Сан Клементе.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира