Израелската војска отвора кривични истраги за убиството на 5-годишната Палестинка, Хинд Раџаб, која почина откако автомобилот на нејзиното семејство се најде под израелски оган, како и за смртта на болничари за време на војната во Газа. Во соопштението на војската денеска се вели дека се разгледани вкупно пет смртоносни инциденти во Појасот Газа.
Смртта на Хинд предизвика меѓународно негодување, а таа стана и тема на наградуваниот и номиниран за Оскар филм „Гласот на Хинд Раџаб“.
Петгодишното девојче првично преживеа откако автомобилот, со кој таа и нејзините роднини бегале од израелските напади, бил погоден со ракета. На аудиоснимките од повикот до Итната служба на Палестинската полумесечина, таа со часови молела за помош пред да почине.
Во соопштението на израелската војска се веи дека истрагата за смртта на Хинд открила оти израелски војници пукале врз возило на семејството Хамада, при што загинале пет лица. Хинд и нејзината братучетка првично ги преживеале истрелите, се додава во соопштението. Подоцна, според наводите, двајца болничари загинале од граната испукана од минофрлач за време на координирана спасувачка операција. Дури по неколку дена биле пронајдени телата на седум членови на семејството, вклучувајќи ги Хинд и нејзината братучетка, како и телата на двајцата болничари.
Војската соопшти дека е покрената кривична истрага за случајот поради наводни пропусти во координацијата на спасувачката операција. Исто така, покрената е посебна кривична истрага за друг инцидент во кој во март минатата година загинаа 15 Палестинци, меѓу кои и неколку болничари, соопшти војската.



