ОД 26 АВГУСТ ВО СИНЕПЛЕКС ИГРА „ДОБРИ ЛУЃЕ“ НА МАНЧЕВСКИ, ПРИХОДОТ ЌЕ БИДЕ ДОНИРАН ЗА ЖРТВИТЕ ОД ТРАГЕДИЈАТА ВО КОЧАНИ

    ОД 26 АВГУСТ ВО СИНЕПЛЕКС ИГРА „ДОБРИ ЛУЃЕ“ НА МАНЧЕВСКИ, ПРИХОДОТ ЌЕ БИДЕ ДОНИРАН ЗА ЖРТВИТЕ ОД ТРАГЕДИЈАТА ВО КОЧАНИДокументарецот е снимен со преживеаните млади луѓе од пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, како и со родители на загинатите, еден месец по пожарот на 16 март во кој загинаа 63 лица. (Фото: Продукција на филмот)

    Од 26 август во скопското кино Синеплекс ќе игра документарецот на Милчо Манчевски, „Добри луѓе“. Документарецот е снимен со преживеаните млади луѓе од пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, како и со родители на загинатите, еден месец по пожарот на 16 март во кој загинаа 63 лица. На иницијатива на Манчевски и во соработка со Синеплекс, целиот приход од билетите ќе биде дониран преку „Сапорт Кочани“ за помош на жртвите и преживеаните од трагедијата во Кочани, соопшти киното. Пред почетокот на проекциите ќе биде објавен на платното кју-ар код, преку кој, секој што сака ќе може дополнително да донира.

    Светската премиера на „Добри луѓе“ беше на 16 август на 32. Сараевски филмски фестивал, а македонската премиера ќе биде на 23 август на Фестивалот на креативен документарен филм МакеДокс во Скопје во Куршумли ан во 21 часот. Фестивалот соопшти дека се распродадени билетите.

    „Ниту една трагедија не е локална. Болката, гневот и тагата се универзални. Ме интересира добрината на луѓето. Хероите не се војсководците, туку добрите луѓе. Тие се поважни и од успешните, и од паметните, и од убавите. Во тоа е суштината на цивилизираното живеење“, вели Манчевски.

    Светската премиера на „Добри луѓе“ беше претходно најавена со интервјуа со Манчевски во холивудското филмско списание „Вараети“ како и во „Синеуропа“, која во рецензија го нарекува„документарец што прогонува“, но и во бројни регионални медиуми.

    Филмот е финансиран лично од Манчевски, без учество на Агенцијата за филм или државата, а сите приходи одат за Кочани.

    Монтажер е Мишко Чунихин, директор на фотографијата е Иван Ивановски, музиката е на Игор Василев – Новоградска, а извршни продуценти се Татјана Ќурчинска-Пепељугоска и Лудовико Кантисани.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира