Здружението на слабовидни и слепи лица од Битола бара од Општината да им биде дозволено да останат во просториите на урбаната заедница „Коле Лачето“ кои на користење без надомест им беа дадени во 2018 година, а со домашни и странски донации ги претворија во Регионален ресурсен центар за слепи лица. Тие се појавија и на последната седницата на Советот на која на дневен ред беше точка за давање деловен простор на 5-годишно користење во истата урбана заедница на Ресурсниот центар на родители на деца со посебни потреби, подружница 2 Битола.
Во писмото кое Здружението на слепи лица го добило на 25 февруари 2026 пишува дека престанува нивното право на времено користење на објект и дека се должни во рок од 10 дена од приемот на известувањето објектот со целокупната затекната опрема да го предадат на Општината со регулирани режиски трошоци. Пишува дека просторот ќе биде реорганизиран од страна на Општината и Здружението на слепи лица ќе може да го користи, но под други услови и правила кои ќе бидат утврдени во следниот период.
„Имаме известување дека треба да го предадеме центарот. Ние треба да се иселиме од таму. Како невладино-непартиска организација не сме против никој од Советот и Општината, ни излегувале постојано во пресрет, така и сега сакаме да ни излезат. Тоа ни е место за дружба, лаф-муабет, да размениме мислења. Меѓу нас има и 100 проценти слепи лица, па учеа да читаат Брајово писмо, играме шах, имаме шаховски клуб ‘4 Ноември’. Местото го направивме од нула, во распаѓање беше таа Mесна заедница. Се опреми за наши потреби со кујна, тоалет, рампа за влегување на слепи лица. И зачудувачки од каде вака дојде ова сега. Нам не ни сметаат ни другите здруженија“, вели Драгче Брдаровски, претседател на Здружението на слабовидни и слепи лица на Општина Битола.
Денес и советничката група на СДСМ побара точката за издавање на просторот на друго здружение да биде повлечена од дневен ред, но мнозинството гласаше против со образложение дека просторот ќе се споделува.
„Уште е валидна одлуката од 2018 година на овој Совет да се даде објектот на времено корисење преку Центарот за социјална работа Битола на Ресурсниот центар за слепи лица, проект во кој се вложени повеќе илјадници евра за да се оспособи за слепите. Не може да се земе од една социјалан категорија, а да се даде на друга. И двете социјални групи треба да имаат можност да го користт објектот“, рече советникот Петар Николовски од СДСМ.
Претседателот на Советот Бојан Бојкоски, кој доаѓа од редовите на советничкото мнозинствона чело со ВМРО-ДПМНЕ, вели дека не се работи за никакво иселување, туку двете здруженија ќе продолжат да го користат просторот. Не гласале за повлекување на точката зашто сметаат дека слепите лица се манипулирани од политичка партија.
„Уште еднаш кажувам дека нема да има никакво отстранување или да не можат да ги користат канцелариите. Едноставно, уште едно здружение ќе функционира во објектот којшто има 95 квадратни метри согласно катастарската парцела. Ќе се направат измени и истиот ќе биде споделен да го користат двете здруженија“, рече Бојкоски.
Ж. ЗДРАВКОВСКА



