Агенцијата за храна и ветеринарство ја забрани за пиење водата од селските водоводи во Иванковци и Кумарино, Велешко. Решението е издадено на 20 август, а забраната ја објавија од локалната власт на Општина Велес.
„Поради утврдена неправилност, водата не смее да се користи за пиење сè до укинување на забраната од страна на надлежниот орган. Ги повикуваме граѓаните доследно да ја почитуваат изречената забрана и да постапуваат согласно насоките на надлежните институции“, пишува во соопштението од Општина Велес.
На неколку локации во двете села е поставено предупредување „Водата не е за пиење“, а Општината ќе ја информира јавноста веднаш по добивањето на официјална потврда дека водата е безбедна за употреба. Тоа ќе се случи по три последователни задоволителни (негативни) анализи на водата. Според пописот од 2021 година, во селото Иванковци живеат 650, а во Кумарино 50 жители. Со селските водоводи управува месната заедница.
Анализата на водите од двата селски водовода, извршена од Центарот за јавно здравје Велес на 11 август, покажа дека тие „не одговараат на прописите за безбедност поради недоволно присуство на резидуален хлор. Потребно е да се врши редовна дезинфекција на водата за да може да се користи како вода за пиење“. Водата во водоводот во Кумарино покажала и зголемено присуство на нитрати.
Последниот примерок од анализираната вода од селската чешма во Башино Село, од која полнат и бројни велешки семејства, покажа дека има „аеробни бактерии и бактерии индикатори за фекално загадување“. Оваа вода е забранета за пиење уште од крајот на јули. Забраната останува во сила со препорака да се изврши санација на околината на објектот, а доколку некој сепак одлучи да ја користи, водата задолжително да се преврива.
Анализата на водоводите во селата Мамутчево и Отовица, извршена од ЦЈЗ Велес, покажа дека водата е безбедна за пиење и е во согласност со законските прописи.
П. ПЕЧКОВ



