НОВ ПРОТЕСТ НА ЗЕМЈОДЕЛЦИТЕ ОД СТРУМИЦА ОТИ ОТКУПЦИТЕ НЕ ГИ ПОЧИТУВААТ ДОГОВОРЕНИТЕ ЦЕНИ ЗА ПИПЕРКАТА-АЈВАРКА

    НОВ ПРОТЕСТ НА ЗЕМЈОДЕЛЦИТЕ ОД СТРУМИЦА ОТИ ОТКУПЦИТЕ НЕ ГИ ПОЧИТУВААТ ДОГОВОРЕНИТЕ ЦЕНИ ЗА ПИПЕРКАТА-АЈВАРКАСпоред нив место 30 денари за килограм мешана прва и втора класа  како што се согласиле откупувачите и преработувачите, цената паднала на 25 односно 20 денари за килограм.(Фото:СДК.МК)

    Земјоделците од струмичко повторно излегоа на протест, гневни што договорените откупни цени за пиперката-ајварка, пред десетина дена, не се почитуваат од страна на трговците и откупувачите. Според нив место 30 денари за килограм мешана прва и втора класа  како што се согласиле откупувачите и преработувачите, цената паднала на 25 односно 20 денари за килограм.

    „Ова е срамота. Вака ли се штити земјоделството. Едно се договара, друго се прави и се тоа на штета на земјоделците. Само пет дена се откупуваше по 30 денари . Од минатата недела цената ја намалија на 25, а денес прва и втора класа се откупуваат по 20 денари за килограм. На одредни пунктови и не се откупува или те уценуваат односно прибираат со квалитетот. Треба  да им се стави клуч на откупувачите и преработувачите“, кажа Туше Митев земјоделец.

    Тој и останатите земјоделци цели два часа беа пред Министерството за земјоделство во Струмица каде бараа од државата да најде начин и модел да ги заштити од ценовните манипулации на трговците и откупувачите. Улицата пред канцелариите на Министерството беа блокирани со неколку трактори.

    На протестот им се приклучи министерот за земјоделство Борче Серафимовски и градоначалниците на Струмица, Василево, Босилово и Ново Село. Тие кажаа дека целосно ја разбираат нивната мака и се додјени за да им дадат поддршката

    „Министерството не ја утврдува откупната цена и дојдени сме овде да видиме што може да се направи. МЗШВ преку земјоделскиот инспекторат е континуирано на терен. Во делот на цената немаме инструмент оти тоа се приватни компании. Она што може да го ветам е дека во октомври ќе инсистирам да се утврдат производствените цени под кои нема да може да паднат во иднина, оти вака секоја година се појавува ист проблем“, кажа министерот Серафимовски.

    Годинава откупот стартуваше на почетокто на овој месец. За разлика до лани цените годинава се пониски за околу 20 отсто. И Државниот завод за статистика пресмета и објави дека цените годинава се пониски од јули минатата година, а за возврат трошоците се повисоки.

    В.ТРАЈКОВ

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира