Националниот парк Маврово функционира во правен вакуум врз основа на прописи од 1949 година поради недонесувањето нов закон за негово прогласување, што овозможува нетранспарентно работење и ја доведува во прашање легалноста на сите активности во заштитеното подрачје, соопштија од граѓанската организација Еко-свест.
Од организацијата велат дека според Законот за заштита на природата, сите активности и интервенции, особено сечата на шумите, смеат да се одвиваат исклучиво доколку се предвидени со План за управување и Програма за шумски екосистеми во строго дефинирани зони со соодветни ограничувања. Во моментов во паркот се работи и се спроведува сеча без овие неопходни стратешки документи, што излегува од законскиот основ и е спротивно на целите на законот.
Дополнително, јавноста нема увид во документите врз основа на кои функционира установата, бидејќи на интернет-страницата на паркот не се објавени ниту статутот, ниту програмите за работа, што упатува на нетранспарентно работење.
Ана Чоловиќ Лешоска од Еко-свест вели дека деновиве во паркот се подготвува нова сеча на шума за потребите на изградбата на мала хидроцентрала на реката Рибничка. Овој проект, кој наиде на остри критики од меѓународната стручна јавност, Бернската конвенција, домашните граѓански здруженија и локалното население, не е во функција на заштита на природните вредности, туку нанесува директна штета врз управувањето со подрачјето.
Од Еко-свест бараат итно донесување нов закон за репрогласување на НП Маврово за заштитено подрачје како единствен начин да се стави крај на правниот вакуум, да се прекинат незаконските активности и да се воспостави вистинска заштита на природното богатство. Тие додаваат дека ова е законска обврска на Министерството за животна средина и просторно планирање и на Владата, кои повеќе не смеат да го игнорираат проблемот.



