Ни адвокатката Ана Дангова-Хуг, ќерка на адвокатот на Никола Груевски, Димитар Дангов, не го помина филтерот на Експертскиот панел на Европскиот суд за човекови права и слободи (ЕСЧПС) во Стразбур, па Македонија по третпат ќе праќа трет кандидат на листата од тројца за судија во Стразбур. Тоа е адвокатката Елена Ристиќ, потпретседателката на Адвокатската комора на Македонија.
Како што потврди за САКАМДАКАЖАМ.МК претседателот на Комисијата Дарко Костадиновски, кој е претседател на Уставниот суд, Дангова не ги исполнила условите во делот на должината на стажот на нејзината професионална работа со човековите права.
„Членовите на Комисијата се состанавме на 20 август и едногласно ја избравме долгогодишната адвокатка Елена Ристиќ, која предаваше и на Американ колеџ, а зад која стојат и повеќе нејзини научни трудови. Сметаме дека таа ги исполнува критериумите на Експертскиот панел, дека ќе го помине филтерот и конечно ќе биде утврдена листата од тројца кандидати од Македонија за судија во ЕСЧП, за да може да бидат извршени интервјуата со секој од нив и Судот да го избере најдобриот“, вели Костадиновски.
Уште лани филтерот „исполнување услови“ го поминаа адвокатката Наташа Бошкова и деканот на Правниот факултет „Јустинијан Први“ Сашо Георгиевски. Тројката кандидати не можеше да се формира повеќе од една година поради тоа што, прво беше одбиен адвокатот Јордан Апостолски (братот на Антонио Апостолски кој го бранеше Сашо Мијалков), а сега и Ана Дангова, ќерка на адвокатот на Никола Груевски.
Во меѓувреме, македонски судија со истечен мандат во Стразбур сè уште е Јован Илиевски, баџанакот на Сашо Мијалков.
Претседателот Костадиновски кажа дека денеска ќе го извести министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски за утврдената (трета) кандидатка, за да го истера понатаму процесот и Судот во Стразбур што поскоро ги обави интервјуата со секој од нив поединечно и избере нов македонски судија во највисокиот европски суд за одбрана на човековите права.
С. К. ДЕЛЕВСКА



