НА 12.000 ДЕЦА ИМ БИЛО ПОБАРАНО ВО ОНЛАЈН ИГРИ И НА СОЦИЈАЛНИТЕ МРЕЖИ ДА СЛИКААТ ДЕЛОВИ ОД ТЕЛОТО, ДА СОЗДАВААТ СЕКСУАЛНИ СОДРЖИНИ И ДА ОДАТ ВО ЖИВО СО ИНТИМНИ СНИМКИ, УТВРДИ ИСТРАЖУВАЊЕ

    НА 12.000 ДЕЦА ИМ БИЛО ПОБАРАНО ВО ОНЛАЈН ИГРИ И НА СОЦИЈАЛНИТЕ МРЕЖИ ДА СЛИКААТ ДЕЛОВИ ОД ТЕЛОТО, ДА СОЗДАВААТ СЕКСУАЛНИ СОДРЖИНИ И ДА ОДАТ ВО ЖИВО СО ИНТИМНИ СНИМКИ, УТВРДИ ИСТРАЖУВАЊЕСпоред истражувањето на УНИЦЕФ, Интерпол и МВР, секое десетто дете во Македонија било изложено на сексуална екплоатација и на злоупотреба преку технологијата односно социјалните мрежи. (Фото: СДК.МК)

    Секое десетто дете во Македонија било изложено на сексуална екплоатација и на злоупотреба преку технологијата (социјалните мрежи), утврди истражувањето „Спречување на штетата“, кое денеска беше презентирано во Скопје како повик за аларм. Овие 10 проценти во бројка се околу 12.000 деца на возраст од 12 до 17 години, на национално ниво. Тука не спаѓаат сексуално злоупотребуваните деца кои се многу помали, случаи со кои често се полни билтенот на МВР.

    Истражувањето е дел од програмата „Спречување на штетата“ (Disrupting Harm ) во која се вклучени повеќе држави, финансирана од Safe Online, а спроведена од ECPAT International, Интерпол и Канцеларијата за истражување и предвидување на УНИЦЕФ – Innocenti, во партнерство со ндржавни институции и организации.

    Истражувањето разгледува девет форми на сексуална експлоатација преку технологијата: несакани сексуални коментари, слики или видеа, барања за сексуална содржина како „сликај го тоа и тоа за мене и прати ми слика“, потоа сексуални слики создадени со вештачка интелигенција, споделување сексуални слики без согласност, понуди за пари или подароци во замена за сексуална содржина, сексуална присила и уцена, како и сексуална злоупотреба или експлоатација пренесувана во живо.

    Анкетираните деца во 78 проценти се изјасниле дека сторителот бил познато лице: роднина, пријател на семејството, интимен партнер, на кои им веруваат. Засегнати се подеднакво девојчињата и момчињата.

    Во Македонија 52 отсто од злоупотребите на деца биле преку социјалните мрежи, но во дури 30 отсто се вршеле преку платформи за онлајн игри.

    Само 1 процент од овие случаи пријавиле во полиција, поради срам и страв од ширење на содржината која биле принудени да ја создадат. Овие деца имаат самоубиствени нагони, не спијат и се склони да се самоповредуваат.

    Но истражувањето утврди дека и тие што ќе се охрабрат да пријават, се соочуваат со пречки во пристапот до правдата, до закрепнувањето и до поддршка од институциите. Се утврдува и дека законските одредби се стари и ограничени, а кога ќе биде фатен сторителот/сторителката, децата жртви место во куса постапка со едно сослушување, се испрашуваат и тераат да дадат исказ по неколкупати.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира