Рудникот „Бучим“ од Радовиш е единствениот активен производител на бакар во земјава и има околу 650 вработени. Годишно во рудникот се преработуваат повеќе од 4,5 милиони тони руда, од кои се произведуваат над 40.000 тони бакарен концентрат и околу 450 тони катоден бакар.
„Количините можат да варираат зависно од производствениот план, карактеристиките на рудата и технолошките показатели. Златото е природно присутно во рудата и во соодветен удел е содржано во бакарниот концентрат, но компанијата нема финален производ злато, па неговата количина се евидентира како составен дел од произведениот концентрат“, велат од „Бучим“.
Плановите за наредниот период, според компанијата, се насочени кон стабилно и ефикасно производство, оптимално користење на ресурсите и долгорочна одржливост на рударските операции. Особено внимание ќе се посветува на модернизацијата на производствените процеси, техничката сигурност на постројките и на примената на современи технологии и најдобрите достапни техники.
Од рудникот велат дека е намалено користењето вода од акумулацијата Мантово. Годишните планови за користење вода од Мантово изнесуваат околу 3,7 милиони кубни метри. Но, по технолошките промени направени од 2024 година, компанијата вели дека воспоставила позатворен циклус на користење вода во рудникот.
„Во 2025, ‘Бучим‘ потрошил 335.000 кубни метри вода, што е помалку од 10 проценти од планираните потреби. За првите осум месеци од 2026 биле потрошени 128.000 кубни метри“, велат од „Бучим“.
Компанијата има долгорочна соработка со Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, која опфаќа практична настава и поврзување на научното знаење со практичното искуство во индустријата.
За Денот на рударите, кој се одбележѕва денеска, ќе бидат наградени 30 вработени од различни организациски и производствени сектори. Тие ќе добијат признание и парична награда од по 12.000 денари.
Т. ЈОВАНОВСКИ



