Tетовските комунални работници добиваат редовна плата и платени им се придонесите за здравствено и пензиско осигурување, кажа градоначалникот на Тетово, Билал Касами. Овој успех тетовските комуналци го прославија на градскиот плоштад, каде што беше организиран коктел со баклава.
Како што кажа Касами, подмирени се и старите долгови на претпријатието.
„Денеска сум посебно среќен поради тоа што и последните вработени во јавното комунално претпријатие ‘Тетово‘ ги земаат платите со платени придонеси за здравствено и пензиско осигурување. Ова беше голем предизвик за нас поради тоа што се работеше за претпријатие кое долги години беше во долгови. Исто така, беше задолжено и со неколку кредитни линии, кои во минатото биле земени од претпријатието за исплата на плати, а како гарант се јавуваше Општина Тетово. Значи, за првпат после десетина години, овие вработени земаат редовно плата месец за месец и имаат целосно платени придонеси“, изјави Касами.
ЈКП „Тетово“ има околу 150 вработени, од кои 70 се во работен однос на неопределено време, а останатите се сезонски работници ангажирани со договор на дело.
З. АНДОНОВ



