Општина Струмица работи на проектна документација за изградба на ново основно училиште во градот, во населбата Карпош, за да го намали притисокот со ученици во струмичкото школо „Сандо Масев“, но и целосно да се имплементира препо раката за едносменско работење, најави денеска градоначалникот Петар Јанков. Тој рече дека со ширењето на населбата Карпош со нови станбени комплекси, каде живеат претежно млади брачни парови со деца, се чувствува потреба од училиште и на тој потег во Струмица.
„Општинското основно училиште Сандо Масев’ има најмногу ученици. Тоа е поради новата населба Карпош, каде бројот на деца се зголемува поради изградбата на станови. Училиштето ‘Сандо Масев’ е едно од најголемите во државата и имаме реална потреба од ново основно школо во тој дел на градот, сè со цел да се растерети ‘Сандо Масев’, а паралелно ќе се имплементира и препораката за едносменско работење со продолжен престој. Како Општина, работиме на проектот за ново училиште во Карпош, каде има и маркица за таа намена“, кажа Јанков.
Во „Сандо Масев“ во оваа учебна година од прво до деветто одделение се школуваат 1.420 ученици, од кои 140 се првачиња. Кон ова училиште се припои „Гоце Делчев“ од Вељуса, кое со оптимизацијата на училишната мрежа го загуби статусот на централно основно училиште. Со одлуката на струмичките советници, 30-тината ученици од шесто до деветто одделение од Вељуса, основното образование ќе го продолжат во Струмица.
Освен во „Сандо Масев“, доволен број ученици има и во останатите три градски основни училишта, што не може да се каже за училиштата по населените места. Во Просениково се укинаа вкупно 6 паралелки од прво до деветто одделение, додека во училиштето во Куклиш три паралелки.
Оваа учебна година во Општина Струмица се запишаа 415 првачиња, што е за речиси 20 отсто помалку од лани. Од Општината се убедени дека бројката ќе биде поголема, бидејќи добар дел од децата сè уште не се запишани, оти нивните родители биле на сезонска работа.
В. ТРАЈКОВ



