После 72 часа непрекината активност на терен и три непроспиени ноќи, изгаснат е пожарот во подножјето на Пелистер, соопштија од Националниот парк Пелистер. Оттаму велат дека стануваше збор за еден од најкомплексните пожари оваа сезона на територијата на Македонија, во шума каде што доминираат црн и бел бор.
,,И покрај неповолните временски услови, акцијата беше успешна благодарение на координацијата на сите институции кои беа вклучени: единиците на НП Пелистер, ТППЕ Битола и Ресен, механизацијата на јавните претпријатија од Општина Битола, ЈП ‘Стрежево‘, Огнените сили на ДЗС, ДПД ‘Архангел‘, ДПД ‘Кочани‘, хеликоптерите на Воздухопловниот ВИНГ на АРМ, ер тракторите на ДЗС и голем број приватни стопанственици и други доброволци, кои беа непрекинато на терен, без ниту една пауза во текот на целото деноноќие”, соопштија од Националниот парк.
Пожарот се појави на 29 август на преспанската страна на Пелистер и се смета дека беше подметнат.
Ж. ЗДРАВКОВСКА



