Големи противпожарни сили се концентрирани да го држат под контрола пожарот кој на 29 август избувна во Преспа и се прошири во подножјето на Националниот парк Пелистер. Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, вели дека се работи за еден од најтешките пожари на територијата на Македонија оваа сезона.
„Наша цел е ако не успееме да го изгаснеме, барем да го успориме неговото движење и да не дозволиме да навлезе во квалитетната шума од Националниот парк Пелистер“, рече Ангелов.
По непреспиената ноќ и утринската акција, Ангелов соопшти дека под контрола е ставена огнената линија која вчера успеала да ја премине противпожарната пресека.
„На терен се пожарникари од Ресен и Битола и тимови од ДЗС со пет пинцгауери, утрово има и екипи на ‘Национални шуми‘, дејствуваше армиски хеликоптер со големо ведро од над три тона, а по него ќе продолжат со дејствување два ер трактора од ДЗС, а по потреба и полициски хеликоптер“, рече Ангелов.
Директорот на Националниот парк Пелистер, Иванчо Тошевски, кој цело време е на терен, вели дека акцијата за гасење е комплексна зашто во еден момент имаат целосна контрола врз огнот, а во следниот момент, со првата промена на временските услови, работите се менуваат.
- ПОВРЕДЕНИ ДВЕ ЛИЦА ПРИ ГАСНЕЊЕТО НА ПОЖАРОТ ВО НАЦИОНАЛНИОТ ПАРК ПЕЛИСТЕР
- ПОД КОНТРОЛА СТАВЕН ПОЖАРОТ ВО ПОДНОЖЈЕТО НА ВРВОТ ВРТУШКА НА ПЕЛИСТЕР
„Помина уште една пеколна и долга ноќ за сите нас кои остануваме на терен. Главното дејство на силите во текот на ноќта беше насочено по должината на границата меѓу ‘Национални шуми‘ и Национален парк Пелистер, на надморска височина меѓу 1.050 и 1.150 метри, над таканаречениот битолски пат, кој ги поврзува Ѓавато и селото Подмочани. Целта беше да се искористат пониските температури во текот на ноќта и конечно да се сузбие најкритичниот фронт од пожарот. Екипите на НП Пелистер делуваат со поддршка на доброволното противпожарно друштво ‘Архангел‘, РЕК ‘Битола‘ и пожарникарите од Ресен и Битола. Најважно е високото ниво на мотивираност на единиците, и покрај тоа што поединци се без спиење скоро 48 часа“, соошпшти Тошевски.
Се претпоставува дека огнот кој пред три дена се прошири кон подножјето на врвот Вртушка бил подметнат. Зафатена е поголема шумска површина со вештачки засаден бор и ниска вегетација, но со големиот ангажман на екипите вклучени во гаснењето заштитена е висококвалитетната шума на Пелистер.
Ж. ЗДРАВКОВСКА



