Јавното претпријатие (ЈП) „Паркинзи Општина Центар“ (ПОЦ) со новиот правилник им бара на жителите на скопската Општина Центар да приложат и имотен лист за да добијат резидентна паркинг карта. Досега, жителите на Центар за да добијат налепница за паркирање пред нивната зграда приложуваа лична карта која ја издава Министерството за внатрешни работи (МВР) и со која се докажува дека лицето живее на таа адреса. Но, сега на ПОЦ тоа не им е доволно па бараат и имотен лист кој не треба да биде постар од 6 месеци и за кој за да се извади се плаќа 250 денари.
„Зошто не е доволна лична карта, па зар ПОЦ не му верува на Министерството за внатрешни работи кое издало документ со моето место на живеење. Зошто на службениците на ПОЦ да им приложувам и имотен лист и да имаат на увид во дел од мојата имотна состојба? Ги покачија цените за второ и трето возило, а со ова ни создаваат и дополнителни обврски и трошоци“, вели жител на Центар.
На сајтот на ПОЦ на 4 август се објавени новите правила за користење на паркинг услугите, според кои, при склучување нов договор за повластено паркирање за жители, односно по истекот на постојниот договор, потребно е да се приложат: имотен лист, како доказ за исполнување на условите за резидентно паркирање, важечка лична карта и важечка сообраќајна дозвола за возилото.
Од ПОЦ ни одговорија дека со новиот модел повластеното резидентно паркирање се врзува за станбената единица, а не само за адресата на живеење наведена во личната карта.
„Тоа е важно затоа што бројот и висината на надоместокот за корисничките договори се утврдуваат според тоа дали станува збор за прво, второ или трето возило во рамки на иста станбена единица. Личната карта е доказ за пријавено живеалиште, но сама по себе не овозможува прецизно да се утврди на која конкретна станбена единица во објектот се однесува барањето и колку кориснички договори веќе се издадени за неа. Имотниот лист се користи за идентификација на станбената единица и за правилна примена на новиот модел“, велат од ПОЦ.
Од претпријатието велат дека не го бараат имотниот лист за да ја проверуваат или оценуваат имотната состојба на корисникот, ниту пак услов е лицето што го поднесува барањето да биде сопственик на станот.
„МВР преку личната карта го потврдува пријавеното живеалиште на лицето. ЈП ПОЦ, пак, треба да утврди на која станбена единица се однесува повластеното право на паркирање, бидејќи новиот модел е поставен по станбена единица и број на возила што ја користат поволноста. Токму затоа, имотниот лист има поинаква функција од личната карта – едниот документ го потврдува живеалиштето на лицето, а другиот ја идентификува станбената единица за која се издаваат корисничките договори“, додаваат од ПОЦ.
- ПОСКАПЕ ПАРКИРАЊЕТО ВО ОПШТИНА ЦЕНТАР, ВТОРА КОЛА ЗА СТАНАРИ ОД 250 НА 500 ДЕНАРИ МЕСЕЧНО, МЕСЕЧЕН БИЛЕТ ОД 2.000 НА 2.500 ДЕНАРИ
-
ЖИТЕЛИТЕ НА КАПИШТЕЦ СО ПЕТИЦИЈА ЗА УКИНУВАЊЕ НА НОВИТЕ ПОСКАПИ ЦЕНИ ЗА ПАРКИРАЊЕ ВО ЦЕНТАР
Од ПОЦ велат дека се свесни оти станува збор за дополнителен документ, но сепак, тој е потребен за еднаква и контролирана примена на моделот и за точно утврдување на бројот на кориснички договори по станбена единица.
„Важно е да се нагласи дека еден важечки имотен лист може да се користи за сите жители од истата станбена единица кои ги исполнуваат условите, односно нема потреба секој член од домаќинството одделно да обезбедува нов документ. Со исполнување на условите, жителот за првото возило добива право на паркирање во целиот сектор на живеење без месечен надоместок во текот на целата година, додека корисник кој нема статус на резидент за соодветна паркинг услуга плаќа и до 3.000 денари месечно. Оттука, сметаме дека доставувањето имотен лист како доказ за исполнување на условите е разумна административна обврска во однос на значителната поволност што корисникот ја добива, а истовремено овозможува системот да биде поправеден и контролата на правото на резидентно паркирање да биде иста за сите“, велат од ПОЦ.
ПОЦ во мај година ги зголеми цените за паркирање за жителите и за комерцијалното паркирање. Според новата одлука, станарите за второ возило наместо 250 денари, ќе плаќаат 500 денари месечно, а за трето возило цената од 1.200 денари се зголемува на 1.500 денари месечно.
Промени има во цените кај зонското комерцијално паркирање во зоните 1 и 2 во делот на дневните карти, кои поскапеа за 100 денари, односно од 300 на 400 денари, дневните припејд карти поскапеа за 200 денари, односно од 800 на 1.000 денари во зона 1 и од 700 на 900 во Зона 2. Месечната мобилна бизнис карта, која ја користат правните субјекти, поскапе за 500 денари, од 2.000 на 2.500 денари.
За вработените во деловните субјекти со седиште во опфат на некое од јавните паркиралишта со кои стопанисува претпријатието, цената се зголеми од 2.000 на 3.000 денари. За службените возила на правните субјекти на паркиралиштата од затворен тип месечната карта изнесува 4.000 денари, односно поскапе за 1.000 денари.
Пајакот поскапе за 500 денари, односно за подигната погрешно паркирана кола, сопственикот наместо 3.500 денари, плаќа 4.000.
На новите цени реагираа жителите на скопската населба Капиштец организирани во групата „За пристоен Капиштец“, кои собираат потписи против новите, повисоки цени за паркирање. Но, и покрај нивните барања за враќање на старите цени, ПОЦ не ја смени одлуката.
А. АНТЕВСКА



