„СКЕЈТБОРДИНГОТ НЕ Е ЗА ДЕВОЈЧИЊА“ НА ДУМА ГО ОТВОРА 47. „БРАЌА МАНАКИ“, ЛАУРЕАТИ СЕ ЏЕФ КРОНЕНВЕТ И ДАН ЛАУСТСЕН

    „СКЕЈТБОРДИНГОТ НЕ Е ЗА ДЕВОЈЧИЊА“ НА ДУМА ГО ОТВОРА 47. „БРАЌА МАНАКИ“, ЛАУРЕАТИ СЕ ЏЕФ КРОНЕНВЕТ И ДАН ЛАУСТСЕННа денешната прес-конференција во Скопје беше претставена програмата на годинашното издание, чиј визуелен идентитет е под мотото „Ткајачи на филм“ (Фото: СДК.МК)

    „Скејтбордингот не е за девојчиња“, вториот филм на Дина Дума, ќе го отвори 47. Интернационален фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, кој ќе се одржи од 19 до 25 септември во Битола. Кинематографка на филмот е Фредерик Ноиром, а ова е и негова македонска фестивалска премиера.

    Фестивалот ќе го затвори македонската премиера на дебито на Срѓан Јанаќијевиќ  „Нема да ви се верува што се случи претходно“, чиј кинематографер е Дејан Димески.

    Еден од главните гости и лауреати ќе биде американскиот кинематографер Џеф Кроненвет, долгогодишен соработник на режисерот Дејвид Финчер и директор на фотографија на филмовите „Боречки клуб“, „Друштвена мрежа“, „Исчезната“ и „Девојката со тетоважа на змеј“. Кроненвет ќе ја добие наградата Златна Камера 300, заедно со претходно најавениот дански лауреат Дан Лаустсен.

    На денешната прес-конференција во Скопје, фестивалот ја претстави програмата на годинашното издание, чиј визуелен идентитет е под мотото „Ткајачи на филм“.

    „Во Битола доаѓа човек кој е познат во светот по исклучително квалитетните и прецизни слики и по умешното користење на светлината, но уште повеќе на сенките“, рече директорот на фестивалот Димитрија Доксевски.

    Во главната натпреварувачка програма Златна Камера 300 има 12 филмови, меѓу кои и „Срам и пари“ на Висар Морина, „До крајот на денот“ на Јелена Максимовиќ, „Жолти писма“ на Илкер Чатак, „Татковина“ на Павел Павликовски и „Минотаур“ на Андреј Звјагинцев.

    „Годинава имаме силна главна програма, а особено ни е драго што фестивалот ќе го отвориме и ќе го затвориме со македонски филмови. Филмот на Дина Дума веќе бележи успех на меѓународните фестивали, а на затворањето ќе го прикажеме дебитантскиот филм на Срѓан Јанаќијевиќ, со Дејан Димески како кинематографер“, рече селекторот Слаѓан Пенев.

    Документарната програма годинава содржи 10 филмови од 16 земји, краткометражната 15 филмови, а во студентската програма се избрани 14 филмови од 14 држави.

    На фестивалот ќе гостуваат и познати светски кинематографери, кои ќе одржат мастер-класови и панел-дискусии. Меѓу најавените е и поранешниот лауреат Јануш Камински.

    М. ЏАРОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира