НОРВЕШКА ЗАПЛЕНИ РУСКИ БРОД ПОРАДИ НЕИСПЛАТЕНА ОТШТЕТА ЗА УКРАИНА ОД 4,2 МИЛИЈАРДИ ДОЛАРИ

    НОРВЕШКА ЗАПЛЕНИ РУСКИ БРОД ПОРАДИ НЕИСПЛАТЕНА ОТШТЕТА ЗА УКРАИНА ОД 4,2 МИЛИЈАРДИ ДОЛАРИБродот, „Професор Молчанов“ беше запленет кај норвешкиот архипелаг Свалбард (Фото: Нафтогаз)

    Норвешка заплени руски брод на Арктикот за да ја спроведе тужбата што ја доби украинската енергетска компанија „Нафтогаз“ за заплената на нејзините средства од страна на Русија кога го анектираше Крим во 2014. Украина за тоа треба да добие отштета од 4,22 милијарди долари

    Бродот, „Професор Молчанов“ беше запленет кај норвешкиот архипелаг Свалбард по 24-часовната опсада од норвешката крајбрежна стража, според „Ковингтон“, американската адвокатска фирма која го претставува „Нафтогаз“. Портпарол на министерството за надворешни работи на Русија изјави дека норвешката акција е пиратство.

    „Нафтогаз“ покрена судска постапка против Русија во 2016 година, барајќи надомест за експропријација на нејзиниот имот на Крим. Судот во Хаг во април 2023 ѝ наложи на Русија да му плати на „Нафтогаз“ 4,22 милијарди долари, плус камата и судски трошоци, но Москва не го стори тоа.

    „Русија не може да избегне одговорност со тоа што одбива да се придржува до меѓународна арбитражна одлука“, рече извршниот директор на „Нафтогаз“, Сергеј Федоренко.

    Адвокатската фирма „Ковингтон“ соопшти дека со месеци го следела „Професор Молчанов“, брод во руска сопственост, кој се користи за комерцијални крстарења. Очекувајќи го неговото пристигнување во Свалбард на пат кон руската рударска населба Баренцбург, адвокатите на „Нафтогаз“ поднесоа барање до норвешкиот суд за запленување на бродот заради негова присилна продажба. Барањето беше одобрено во понеделникот.

    Канцеларијата на гувернерот на Свалбард издаде соопштение во кое се потврдува дека бродот е запленет и дека ќе биде задржан на Свалбард.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира