ВО СТРУМИЦА ПОСТАВЕНА БИСТА НА ТАПАНАРОТ НА „ДНК“ ЃОРЃИ ЃОРЃИЕВ КОЈ ЗАГИНА ВО ПОЖАРОТ ВО ДИСКОТЕКАТА „ПУЛС“

    ВО СТРУМИЦА ПОСТАВЕНА БИСТА НА ТАПАНАРОТ НА „ДНК“ ЃОРЃИ ЃОРЃИЕВ КОЈ ЗАГИНА ВО ПОЖАРОТ ВО ДИСКОТЕКАТА „ПУЛС“Бистата е поставена на тапан, а на него има 63 ѕвезди како илустрација за сите што настрадаа во пожарот во кочанската дискотека. (Фото: СДК.МК)

    Во Струмица е поставена биста на тапанарот на групата „ДНК“,  Ѓорѓи Ѓорѓиев-Џоче, кој загина во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март 2025. Бистата е поставена на тапан, а на него има 63 ѕвезди како илустрација за сите што настрадаа во пожарот во кочанската дискотека.

    „Изгубивме чедо кое не беше само наше туку и на Струмица и затоа упатувам благодарност до сите кои помогнаа да се реализира сето оваа. Овој споменик нека биде потсетник дека на 16 март 2025 година во Кочани  згаснаа 63 животи кои нема да бидат заборавени. Ова нека биде последен трагичен случај и потсетник дека треба да се води грижа и контрола за поголема безбедност на нашите деца во јавни објекти“, кажа таткото на Ѓорѓи, Драги Ѓорѓиев.

    Иницијативата за подигање на спомен-биста на загинатиот музичар во Струмица произлезе од неговите другари и колеги, а зелено светло даде и Општината. На социјалните платформи се собираа донации за идејното решение, изработка на спомен-бистата, но и уредување на целосната инфраструктура во паркот.

    „Џоче не само што беше професионален колега, тој беше и вистински другар кој помагаше, а преку музиката и тапанот ја пренесуваше својата позитивна енергија. Мислевме дека ќе ни биде лесно, но не беше така на сцена. Успеавме повторно да пееме за Џоче и останатите ангели од Кочани оти сметам дека треба да се сеќаваме на нив“, кажа Ана Цамбулева.

    За Џоче пееја млади струмички артисти со кои соработуваше во бендови и на настани. Најемотивен беше моментот кога почна да пее Благица Калева со која Џоче беше од почетокот на својата музичка кариера. Ја пееше валандовската ,,Солзи немам“ по што на сцената се појави и мајката Зорица Ѓорѓиева.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира