Од денеска и ексдиректорот Перпарим Бајрами е достапен за обвинението за проневера на 9,7 милиони евра во Државна лотарија, откако утрово во 5.35 часот, на граничниот премин Блаце сам се пријавил и го прекинал 19-месечното бегство. Тој беше баран со меѓународна потерница. Како што соопшти МВР, тој веднаш бил спроведен во затворот „Скопје“ во Шутка.
„Денеска (9.9.2026), во 5.35 часот, на ГП Долно Блаце за влез во РСМ се пријави Перпарим Бајрами (33), баран со меѓународна потерница по наредба од ОЈО Скопје бр. XVII KO бр. 4232/24 од 17.12.2024 година. Лицето е лишено од слобода и спроведено во Казнено-поправната установа ‘Затвор Скопје’ “, соопшти МВР.
Бајрами е обвинет заедно со поранешниот вицепремиер Артан Груби, со Методија Димевски, Скендер Мехмети, Бојан Јанев, Фатмир Рамадановски, Александар Димитриоски и Башким Авдиу.
Судењето е на почеток во Основниот кривичен суд Скопје, па се очекува Бајрами да се придружи на следното рочиште. Во овој предмет мерка куќен притвор има само Груби. Обвинителен предлог е, не е обвинение, роковите се скратени во оваа постапка, па се очекува Груби за еден месец да биде и без оваа мерка.
Скопското обвинителство вели дека за Бајрами води уште 4 истраги за злоупотреба на службената положба, во кои се прибираат докази и се вршат вештачења.
Груби и Бајрами избегаа во Косово во декември 2024 година. Груби се предаде во февруари 2026 година.
С. К. ДЕЛЕВСКА



