УСТАВНИОТ СУД ЈА ОТФРЛИ ИНИЦИЈАТИВАТА ЗА ПРЕИСПИТУВАЊЕ НА ЦЕНАТА ЗА СОБИРАЊЕ ОТПАД ВО ВЕЛЕС

    УСТАВНИОТ СУД ЈА ОТФРЛИ ИНИЦИЈАТИВАТА ЗА ПРЕИСПИТУВАЊЕ НА ЦЕНАТА ЗА СОБИРАЊЕ ОТПАД ВО ВЕЛЕССо тогаш покачените цени, сметките за смет во Велес скокнаа за два до трипати и наместо по метар кубен, почнаа да се пресметуваат по метар квадратен (Фото: СДК.МК)

    Уставниот суд ја отфрли иницијативата за законитоста на висината на цената за собирање на комуналниот и индустрискиот отпад донесена од Советот на Општина Велес на 14 јуни 2023.  Судот оценил дека одлуката за изменување и дополнување на цената за собирање и транспортирање на комуналниот и индустриски неопасниот отпад на територијата на Општина Велес била донесена врз основа на релевантна законска регулатива, која била во сила и произведувала правно дејство во моментот на донесувањето на одлуката.

    „Цената на услугата се определува врз основа на методологијата за пресметување на цената за собирање, транспортирање и отстранување отпад, која има важност се до денот на започнување на примена на правилникот за утврдување на тарифи за отпад. Оттука, Судот оцени дека не може да се доведе под сомнение уставноста на оспорената одлука во однос на член 8, став 1, алинеи 1, 3, 9 и 10 и членовите 9, 51, 52 и 54 од Уставот на Република Северна Македонија, како и членовите 107, 108, 109 и 110 од Законот за управување со отпад, со кои се утврдуваат постапките за утврдување на цената за собирање комунален отпад“, пишува во образложението на одлуката на Уставниот суд

    Судот оценил дека наводите со кои се оспоруваат законитоста и уставноста на одлуката се неосновани, односно се констатира дека Општина Велес имала законски основ да ја донесе одлуката согласно важечките прописи во моментот на нејзино донесување.

    Иницијативата до Уставниот суд била поднесена бидејќи граѓаните на Општина Велес биле ставени во нееднаква положба со тогаш донесените цени за комуналниот и индустрискиот отпад и им се повредувало правото на управување и определување на цената на комуналниот отпад.

    „Висината на цената за комуналниот и индустрискиот отпад и за водата за пиење е определена спротивно на постапката утврдена со Законот за управување со отпадот и Методологијата за пресметување на цената за собирање и транспортирање отпад, што укажува на нееднаков третман и пристап на граѓаните и правните лица кои живеат на територијата на Општина Велес“, пишува во иницијативата, која е оптфрлена.

    Со тогаш покачените цени, сметките за смет во Велес скокнаа за два до трипати и наместо по метар кубен, почнаа да се пресметуваат по метар квадратен.

    На седницата на Советот од 28 август 2025 беше донесен заклучок Советот по локалните избори повторно да ја разгледа одлуката за висината на цената за комуналниот и индустрискиот оптад, со нејзино намалување. Поради решението на Уставниот суд, донесен е заклучок на последната седница на Советот на Општина Велес за непристапување кон повторно разгледување на одлуката за изменување на висината на цената за собирање и транспортирање на комуналниот и индустриски неопасниот отпад на територијата на Општина Велес.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира