Кина бележи постојан напредок во подготовката на вселенската мисија „Тијанвен 3“, чија цел е во 2031 година на Земјата да донесе околу 500 грама материјал од Марс. Кинеската национална вселенска агенција предвидува мисијата да се состои од лендер, летало за искачување, сервисна капсула, орбитер и посебен модул за враќање на Земјата.
Ако сите фази се одвиваат според планот, „Тијанвен 3“ ќе биде лансирана околу 2028 година со помош на две тешки ракети „Долг марш 5“ од вселенскиот центар Венчанг, на јужниот кинески остров Хајнан. Временските прозорци за патување кон Марс се отвораат на секои 26 месеци, а периодот што го планираат кинеските власти е меѓу декември 2028 и јануари 2029 година. Главниот научник на мисијата, Хоу Зенгчијан, за државната телевизија ЦЦТВ изјави дека опремата веќе навлезе во фаза на изработка на прототипи, при што бројни научни тимови од целата земја заеднички работат на надминување на техничките предизвици.
Додека плановите на американската агенција НАСА за транспорт на примероци од Марс моментно се неизвесни, Кина се наоѓа во предност да постигне важен вселенски успех. Поранешниот висок претставник на НАСА за програмите за Марс и некогашен директор на истражувачкиот центар Ејмс, Скот Хабард, за порталот „Спејс“ кажа дека овој напредок претставува „Спутник момент“. Според него, Кина не само што ќе го сврти глобалното внимание, туку може да стане и првата земја што ќе пронајде докази за постоење живот на друга планета.
Пронаоѓањето можни знаци на живот е главната научна цел на „Тијанвен 3“, кажа Хоу за време на меѓународната конференција за вселената во градот Хефеи. Тој во разговор за новинската агенција „Синхуа“ објасни дека сондата ќе бара микробиолошки траги слични на раниот живот на Земјата, но ќе ги земе предвид и непознатите животни форми кои можеби се развиле низ посебната еволуција на Марс. Кинеските научници очекуваат точната локација за слетување да ја одредат до крајот на 2026 година, врз основа на геолошката старост, трагите од присуство на вода, погодноста за живот и зачувувањето на биолошки показатели. Хоу додаде дека вратените примероци ќе имаат непроценлива вредност за науката дури и доколку во нив нема траги од живот, бидејќи молекуларните и изотопските анализи ќе помогнат за подобро разбирање на геологијата и еволуцијата на Марс.
Како дел од подготовките за овој комплексен потфат, во градот Хефеи започна изградба на лабораторија за планетарна заштита, објави агенцијата „Синхуа“. Објектот ќе функционира со двонасочен заштитен систем кој истовремено ќе ги заштити донесените материјали од надворешни влијанија, но и ќе ја осигури Земјината биосфера од можни биолошки ризици при отворањето и стерилизацијата. Директорот за развој во Лабораторијата за истражување на длабоката вселена, Ли Ханг, соопшти дека Кина строго ќе ги почитува меѓународните стандарди на Комитетот за вселенски истражувања за да спречи какво било заемно загадување меѓу двете планети.



