ПРОИЗВОДИТЕЛИТЕ НЕ ГИ ПОЧИТУВААТ ПРАВИЛАТА НА ЕУ ЗА ЛЕСНА ПОПРАВКА НА ТЕЛЕФОНИ, КОРИСНИЦИТЕ ГИ ПРЕПРАЌААТ НА „ТЕМУ“ И „АЛИЕКСПРЕС“ ЗА РЕЗЕРВНИ ДЕЛОВИ

    ПРОИЗВОДИТЕЛИТЕ НЕ ГИ ПОЧИТУВААТ ПРАВИЛАТА НА ЕУ ЗА ЛЕСНА ПОПРАВКА НА ТЕЛЕФОНИ, КОРИСНИЦИТЕ ГИ ПРЕПРАЌААТ НА „ТЕМУ“ И „АЛИЕКСПРЕС“ ЗА РЕЗЕРВНИ ДЕЛОВИОд јуни 2025 година, сите мобилни уреди достапни на пазарот во Европската Унија мора да содржат задолжителна оцена за поправка утврдена од самиот производител, кој истовремено има обврска да објави податоци што ќе им помогнат на корисниците при сервисирањето. (Фото: Пекселс)

    Една година по воведувањето на европските правила за полесна поправка на паметни телефони и таблети, над 80 проценти од овие уреди сè уште немаат основни информации за поправка, соопшти коалицијата „Право на поправка Европа“. Според правилата што стапија во сила во јуни 2025 година, сите мобилни уреди достапни на пазарот во Европската Унија мора да содржат задолжителна оцена за поправка утврдена од самиот производител, кој истовремено има обврска да објави податоци што ќе им помогнат на корисниците при сервисирањето.

    Увидот во Европскиот регистар на производи за енергетско означување, каде што производителите мора да ги наведат врските до потребните податоци, покажа дека мал број компании ги почитуваат прописите. Од анализираните 2.334 записи за модели на паметни телефони понудени на пазарот изминатата година, само околу 18 отсто навеле веб-страница на која навистина може да се најдат цени за резервни делови или упатства за поправка.

    Кај речиси половина од записите полињата за интернет-врска се целосно празни, додека 19 проценти упатуваат кон страници за производи или корисничка поддршка на кои нема никакви упатства ниту попис на делови. Во одредени случаи, производителите ги препраќаат купувачите кон платформите „Тему“ или „Алиекспрес“ за да најдат упатства и резервни делови. И покрај ваквите пропусти, дел од производителите самите си доделуваат највисоки оцени за достапноста на информациите, со што уредите добиваат самопрогласена класа А за поправка.

    Од коалицијата наведуваат дека и таму каде што има списоци со делови, често се оставаат неоправдано широки ценовни рамки, како на пример од 14 до 128 евра за заменска батерија. Дури и кај производите што формално ги исполнуваат условите, понудената врска ретко води директно до цените на деловите, па за брендовите како „Епл“ и „Самсунг“ е потребно дополнително пребарување низ страниците. Оцената и врската до информациите треба да бидат достапни и на енергетската етикета на производите, но овие податоци недостасуваат кај голем број уреди во физичките продавници и при онлајн продажбата.

    Томас Опсомер, претставник за политики во ЕУ од организацијата „АјФиксит“ во име на коалицијата, вели дека обврската за јавно достапни цени на деловите и прирачниците е одличен напредок, но бара значително подобро спроведување. Тој додава дека бидејќи оцените ги пресметуваат самите производители, потребно е да се воведе задолжително објавување на комплетната документација врз основа на која се добива рејтингот за секој да може да ја провери точноста, како и да се олесни постапката со која граѓаните и сервисерите ќе пријавуваат неправилности.

    За наодите на коалицијата побаран е коментар и од Европската комисија. Мерките за сервисирање треба дополнително да добијат засилување следната година, кога во февруари стапува во сила регулатива на ЕУ според која новите мобилни уреди ќе мора да имаат батерии што корисниците можат сами да ги заменат, со исклучок на уреди како што се паметните часовници.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира