ВО ШТИП СЕ ОТВОРИ МЕЃУНАРОДНА НАУЧНА ШКОЛА ЗА МОНИТОРИНГ НА ЗАГАДУВАЊЕТО, ПОДДРЖАНА ОД ЕВРОПСКАТА КОМИСИЈА

    ВО ШТИП СЕ ОТВОРИ МЕЃУНАРОДНА НАУЧНА ШКОЛА ЗА МОНИТОРИНГ НА ЗАГАДУВАЊЕТО, ПОДДРЖАНА ОД ЕВРОПСКАТА КОМИСИЈАСвои научни трудови на оваа тема ќе презентираат дваесетина млади истражувачи од сите земји од Западен Балкан (Фото: СДК.МК)

    Штипскиот универзитет во соработка со Здружениот истражувачки центар (ЈРЦ) на Европската комисија отвори летна научна школа за мониторинг на загадувањето на воздухот, почвата и водата во контекст на Европскиот зелен договор, прва од ваков вид во Македонија. Првата сесија на школата ќе трае до крајот на неделата, при што секојдневно ќе се презентираат научни трудови за причините на загадувањето и климатските промени на локално ниво, но и на глобален план.

    Ректорот на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, Дејан Мираковски, рече дека со вакви научни школи и собири првенствено ќе се утврдуваат причините за загадувањето, а кога тие ќе се знаат, полесно ќе може да се доаѓа до решенија за надминување на загадувањето.

    Министерката за образование и наука Весна Јаневска рече дека минатата година за научни истражувања во Македонија биле издвоени шест милиони евра, од кои на Штипскиот универзитет за два проекта му се доделени по 125.000 евра и дека се работи на тоа да се зголемува фондот за научни истражувања во државата.

    Оваа школа е еден од начините да се пренесе врвното знаење на излагачите, а основната идеја е и земјите од Западен Балкан да имаат поголемо знаење за справување со загадувањето. Научниот истражувачки центар на Европската комисија ги обезбедува податоците за дефинирање на политиките и мерките што треба да се преземат за почиста и поздрава животна средина“, рече Клаудио Белис, претставник на ЈРЦ

    Во наредните четири дена свои научни трудови на оваа тема ќе презентираат дваесетина млади истражувачи од сите земји од Западен Балкан.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира