Велешани кои живеат во близина на подземната катна гаража во изградба реагираат што секојдневно веќе еден месец доживуваат најмалку десет земјотреси дневно. Тоа го чувствуваат жителите од зградите на улиците 8 Септември и Гоце Делчев, но и вработените во велешкиот суд, обвинителството и правобранителството.
„Живееме под стрес, не е ни малку пријатно еден месец да живееме со земјотреси, кои станаа наше секојдневие. Знаеме дека е од изградбата на подземната гаража, но има ли начин тоа да не се случува толку долго и често“, велат велешани кои живеат во соседството на објектот.
Од изведувачот најавуваат дека за десетина дена ќе завршат градежните работи кои ги предизвикуваат овие потреси.
„Се работи на подготвување на тампонската подлога, на која ќе се врши темелењето, фундирањето на катната гаража. Методологијата на изведба налага дека тоа е неопходно за да има добра и квалитена изведба. Набивањето мора да биде добро направено со вибрации. Во моментов, завршени се околу 70 отсто од тие неопходни работи, вградување на тампонски материјал. Останатиот дел ќе се заврши за не повеќе од недела и пол“, рече Филип Совиновски од „Стентон градба“.
Тој објасни и за дилемите во јавноста околу ставењето на камен-темелник на подземната гаража, што се случи во неделата, за објект на кој се работи една година.
„Се работи за проект чија изградба е поделена на две фази. Првата е заштита на градежна јама за да нема несакани последици, како лизгање на земјиштето. Околу објектот имаме сообраќај од тежок тип, како камиони и тешки товарни возила, па ако ја немало оваа градежна јама, би можело да има несакани последици“, дополни Совиновски.
Подземната катна гаража е со 1.508 квадратни метри, на три нивоа, на 15 метри под земја. Ќе има капацитет за паркирање на 100 возила. Нејзината изградба чини 221 милион денари, од кои 132 милиони за подземната гаража и 91 милиони за плоштадот, средства од Владата обезбедени од унгарскиот кредит.
„Изминатиот период беше многу тежок. Најдоа бомба од Втората светска војна. Потоа МВР и Министерството за одбрана вршеа испитување дали има други заостанати експлозивни средства на овој простор. Имаше земја со несинхронизиран состав, некаде песок, на друго место цврста земја. Централното градско подрачје со интензивниот сообраќај ја отежна изградбата во однос на влез и излез на тешките камиони од градилиштето. Се правеше заштита од подземни води од Вардар. Важно е што потешките работи се зад нас. Се надевам дека во средината на 2027 година подземната катна гаража и плоштадот ќе бидат завршени и ставени во функција“, кажа градоначалникот Марко Колев.
П. ПЕЧКОВ



