Долгогодишниот филмски работник и актер Ацо Дуковски доби медал „Браќа Манаки“ за особен и долгогодишен придонес кон Интернационалниот фестивал на филмската камера (ИФФК) „Браќа Манаки“ во Битола. Признанието го доделува Друштвото на филмски работници на Македонија (ДФРМ ), а му беше врачено на годинешното 47. издание на фестивалот.
Работата на Дуковски е тесно поврзана со македонската кинематографија и кинокултура. Од 1984/85 до 2003 година беше директор на компанијата „Градски кина – Скопје“, која во тој период управуваше со широка мрежа киносали во градот. Како актер глумеше во повеќе филмски и телевизиски продукции, меѓу кои „Време, води“, „Црвениот коњ“, „Преку езерото“, „Џипси мецик“, „Бал-кан-кан“, „Панкот не е мртов“ и „Деца на сонцето“.
„Во годините на неговото раководење со ‘Градски кина’, Дуковски беше и голем поддржувач на ‘Браќа Манаки’. Неговите професионални контакти и ангажман придонесуваа во обезбедувањето филмови и гости за фестивалот, особено во период кога организацијата и меѓународната комуникација се одвиваа во значително поинакви услови од денешните“, соопшти ДФРМ.



