КУМАНОВО СТАВА ИМОТ ПОД ХИПОТЕКА ЗА ДА НЕ СЕ ЗАТРУПА ВО ЃУБРЕ, УЈП ЈА БЛОКИРАШЕ СМЕТКАТА НА КОМУНАЛНОТО ПРЕТПРИЈАТИЕ

    КУМАНОВО СТАВА ИМОТ ПОД ХИПОТЕКА ЗА ДА НЕ СЕ ЗАТРУПА ВО ЃУБРЕ, УЈП ЈА БЛОКИРАШЕ СМЕТКАТА НА КОМУНАЛНОТО ПРЕТПРИЈАТИЕУЈП кон општина Куманово се однесува како лихвар, обвини градоначалникот Зоран Дамјановски - од вчерашната седница на Советот ба општината (Фото: СДК.МК)

    Зградата на затворениот базен и салата за парастоси на Градските гробишта во Куманово ќе се стават под хипотека, за да може Управата за јавни приходи (УЈП) да ја одблокира сметката на ЈП „Чистота и зеленило“, поради долг стар повеќе од 15 години. Оваа одлука  вчера ја донесоа советниците во Советот на Општината Куманово, откако менаџерскиот тим најави дека поради финасиски проблеми ќе биде доведена во прашање работата на претпријатието и изнесувањето на сметот од градот.

    УЈП ја блокираше сметката на „Чистота“ пред 20 дена заради основен долг и камати во висина од 64 милиони денари, за кој се води судски процес.

    „Се врши институционален и финансиски терор на Куманово пред избори за да се покаже дека не сме домаќини. Оваа Влада, УЈП и Министерството за финасии минатата година апсеа лихвари, а најголем лихвар овде е државата. За долг од 21 милион денари ни пресметале камата од 36 милиони денари. Па тоа е 200 отсто зголемување, ако каматата двојно ја надминува главницата јасно укажува во која насока се движи работата. На сите јавни претпријатија со одлука на Влада им се отпишани долговите, а само Куманово не е опфатено во таа програма. Ние треба да платиме 1,5 милиони евра, бидејќи касата е празна. Ова е врв на нивните фрустрации кон Куманово, ние како да сме граѓани од втор ред и како да припаѓаме на друга држава. Се чувствуваме како да сме Герилци или Талибанци“,  изјави градоначалникот Зоран Дамјановски.

    Директорот на „Чистота“ Сашо Петрушевски вели дека во моментот давањето на заложно право или ставањето под хипотека на имот на претпријатието и на општината е единствено можно решение кое им го наложиле од УЈП, за со средствата кои ќе си ги обезбеди УЈП да им ја одблокираат сметката за да можат да земат плата и нормално да функционираат.

    „Ова е еден дел од решението, кое не е најсреќно, но единствено додека не се докаже по судски пат дека УЈП не е во право. Се работи за долг од 64 милиони денари кој треба да се исплати на 36 рати, што ќе значи по 2 милиони денари месечно што е дополнително оптоварување на јавното претпријатие“,  изјави Петрушевски.

    Предлог-одлуката за залог ја подржаа само советниците од владеачкото мнозинство на коалицијата на СДСМ, ДУИ, ДПА и НДП, додека коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ ја напушти седницата и не сакаше да гласа. Тие предходно побара седницата да се одложи за да имаат можност да ја разгледаат точката, но предлогот беше одбиен, бидејќи се работело за итност.

    Доколку претпријатието не успее да го сервисира долгот постои опасност УЈП да го продаде имотот, па претпријатието и општината да останат без два капитални објекти во градот. Петрушевски и Дамјановски се надеваат дека до тоа нема да дојде и дека по добивањето на судската пресуда во нивна корист УЈП ќе им го врати и имотот и парите од ратите кои треба да ги отплаќаат.

    Поради блокираната сметка, на вработените не им се исплатени платите и здравственото осигурување за последните два месеци, па завчера не сакаа да го изнесуваат сметот и штрајкуваа во кругот на претпријатието.

    Долгот на „Чистота и зеленило“ настанал од 2001 до 2006 година по основ на фактурирано, а ненаплатено ДДВ, поради кризната состојба во државата. Во 2010 година претпријатието потпишало договор за репрограмирање на долгот од 2013 до 2023 година, а започнале и судска постапка. Пред еден месец од УЈП го раскинале договорот за одложено плаќање, а на основниот долг пресметале огромни камати.

    Куманово и во 2007 се соочи со блокада на сметката од УЈП за истиот долг, поради што дојде до еколошка катастрофа бидејќи два месеци не се изнесуваше сметот од градот. По протестите на граѓаните тогаш сметката беше одблокирана.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира