ПРИВЕДЕНИ ОСУММИНА ЗА ШВЕРЦ НА ТАБЛЕТИ, ГЕЛОВИ И ЧОКОЛАТЦА ЗА СЕКСУАЛНА ПОТЕНЦИЈА И НА ЦИГАРИ, УАПСЕН ЦАРИНИК КОЈ ЈА ПУШТАЛ СТОКАТА НА ПРЕМИНОТ „БОГОРОДИЦА“

    ПРИВЕДЕНИ ОСУММИНА ЗА ШВЕРЦ НА ТАБЛЕТИ, ГЕЛОВИ И ЧОКОЛАТЦА ЗА СЕКСУАЛНА ПОТЕНЦИЈА И НА ЦИГАРИ, УАПСЕН ЦАРИНИК КОЈ ЈА ПУШТАЛ СТОКАТА НА ПРЕМИНОТ „БОГОРОДИЦА“При претресите биле пронајдени поголеми количини препарати наменети за третман на дијабетес, срцеви и кардиоваскуларни заболувања, невролошки и психијатриски состојби, ревматолошки и автоимуни заболувања, заболувања на дишните патишта и воспалителни заболувања на цревата, како и антибиотици, кортикостероиди, хормонски препарати, инсулини, антикоагуланси и бензодиазепини, како и други производи за подобрување на сексуалната функција и потенцијата во форма на таблети, гелови, пасти, мед и чоколади. (Фото: МВР)

    Осуумина граѓани, од кои двајца од Турција, се приведени под сомнеж за шверц на разни лекови и цигари, сопшти Обвинителството. Јавен обвинител од Специјализираното одделение за гонење кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција при Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), постапувајќи по кривична пријава поднесена од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при МВР, донесе Наредба за спроведување истражна постапка против осум лица, тоа: М. С. (52) од Тетово, З. С. (42) од Гевгелија, А. С. (38) од Скопје, Б. Љ. (46) од Тетово, Е. А. (55) од Скопје, Д. Џ. (46) од Тетово, Б. А. К. (34) и С. С. (42), двајцата од Р.Турција.

    Тие се апсени во дводневна акција, за која Обвинителството вели дека е резултат на докази обезбедени со анализа на податоците екстрахирани од мобилен телефон на првоосомничениот, одземен при претрес извршен во јануари годинава врз основа на претходно добиени оперативни сознанија. При тој претрес во јануари, во неговиот дом биле пронајдени поголеми количини цигари, како и 30.000 канадски долари, 35.000 австралиски долари, 12.950 евра и 69.000 денари.

    Осумтемина приведени осомничени се за кривичните дела Криумчарење, Избегнување на плаќање акциза, Прикривање на стоки кои се предмет на криумчарење и царинска измама, Повреда на права на индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма, Производство и пуштање во промет штетни средства за лекување, Давање поткуп, Примање поткуп и Перење пари и други приноси од казниво дело.

    Според доказите обезбедени во досегашната постапка, во периодот од 2024 до 2026 година првоосомничениот, избегнувајќи ја царинската контрола, преку царинската линија пренесувал непријавени акцизни стоки – цигари. Во криумчарењето му помагале повеќе осомничени, меѓу кои и царински службеник кој го информирал за своите смени, лентата на која бил распореден и за засилените царински контроли, овозможувајќи непречено пренесување на стоката. Криумчарените цигари потоа биле пуштани во промет без акцизни марки, а дел од осомничените ги купувале и препродавале иако знаеле дека потекнуваат од криумчарење.

    Дел од истрагата се однесува и на нелегална трговија со лекови и други производи, вели ОЈО ГОКК.

    Првоосомничениот и третоосомничениот се товарт дека неовластено увезувале, складирале и нуделе на продажба лекови, како и производи за подобрување на сексуалната функција и потенцијата. При претресите биле пронајдени поголеми количини препарати наменети за третман на дијабетес, срцеви и кардиоваскуларни заболувања, невролошки и психијатриски состојби, ревматолошки и автоимуни заболувања, заболувања на дишните патишта и воспалителни заболувања на цревата, како и антибиотици, кортикостероиди, хормонски препарати, инсулини, антикоагуланси и бензодиазепини.

    Пронајдени се и „kamagra oral jelly“, кој се издава со лекарски рецепт, како и други производи за подобрување на сексуалната функција и потенцијата во форма на таблети, гелови, пасти, мед и чоколади.

    „Со преземените дејствија е причинета штета на Буџетот на државата по основ на избегнати царински давачки, акциза и данок на додадена вредност во значителен износ. Истовремено, со неовластеното пуштање во промет на лекови и други средства за лекување без потребните одобренија, упатства и лекарски рецепт, била создадена опасност по животот и здравјето на луѓето”, вечи Обвинителството за оваа голема истрага.

    Предметот опфаќа и случај на поткуп на царинската испостава на Граничниот премин (ГП) „Богородица“. Постои основано сомнение дека првоосомничениот му ветил парични средства на осомничениот царински службеник за да не изврши царинска контрола на возило во кое се пренесувале цигари.

    „Царинскиот службеник го прифатил ветувањето и го пропуштил возилото без контрола, а во предавањето на парите посредувал шестоосомничениот, турски државјанин. На првоосомничениот му се става на товар и Перење пари и други приноси од казниво дело, бидејќи постои основано сомнение дека ги прикривал паричните средства стекнати со криминалните активности со цел да го сокрие нивното потекло. При претресите извршени во рамки на вчерашната акција, во две метални сеф-каси скриени во спуштен плафон во неговиот дом биле пронајдени 86.200 евра и 16 плочки со златна боја. Во неговото возило дополнително биле пронајдени 6.465 евра и 62.000 денари. Со паричните средства пронајдени при претресот во јануари, во двата претреса кај првоосомничениот се пронајдени значителни износи готовина во повеќе валути, како и златни плочки”, наведува Обвинителството.

    При претресите кај останатите осомничени биле пронајдени и одземени цигари и други стоки за кои постои сомнение дека потекнуваат од криумчарење. Сите пронајдени предмети и парични средства кои се од значење за постапката се одземени и ќе бидат предмет на понатамошно вештачење и анализа.

    За тројца од осомничените јавниот обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје доставил предлог за определување мерка притвор, додека за тројца предложи мерки на претпазливост. Двајца осомничени во моментов се недостапни на органите на прогонот.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира