АИ ВЕИВЕИ ПОСТАВИ ИНСТАЛАЦИЈА ОД ШЛЕМОВИ ПРЕД МУЗЕЈ ВО СИДНЕЈ ИНСПИРИРАНА ОД ВОЈНАТА ВО УКРАИНА

    АИ ВЕИВЕИ ПОСТАВИ ИНСТАЛАЦИЈА ОД ШЛЕМОВИ ПРЕД МУЗЕЈ ВО СИДНЕЈ ИНСПИРИРАНА ОД ВОЈНАТА ВО УКРАИНАИнсталацијата, долга 40 метри и насловена „Печурки“, е поставена на јавниот зелен простор Талаволада Лон, со поглед кон познатото градско пристаниште. (Фото: ДПА)

    Кинескиот уметник Аи Веивеи, познат по неговите критички настроени политички дела, ја претстави инсталацијата составена од 500 воени шлемови од леано железо пред Музејот на современа уметност на Австралија во Сиднеј. Инсталацијата е инспирирана од контроверзната одлука на Германија од почетокот на 2022 да испрати шлемови наместо оружје во Украина.

    Инсталацијата, долга 40 метри и насловена „Печурки“, е поставена на јавниот зелен простор Талаволада Лон, со поглед кон познатото градско пристаниште. Шлемовите се наредени во 10 рамномерни редови на подигната платформа, а централна патека им овозможува на посетителите да поминат низ средината на делото. Поединечните шлемови се реплики на различни борбени шлемови од 20. век, вклучително и нивната внатрешна заштитна облога, и ги претставуваат и заштитата и ранливоста на човечкиот живот.

    „Во ерата во која живееме, во 21. век, војните не престанаа. Ние и понатаму живееме во време во кое војната и мирот наизменично ги преземаат улогите еден на друг, обликувајќи го идентитетот на нашето време. Се надевам дека ова дело ќе ги поттикне луѓето да размислуваат за војната и мирот“, изјави Веивеи.

    Делото е тесно поврзано со контроверзна епизода од германската политика кон Украина. Според музејот, почетната инспирација за „Печурки“ била одлуката на германската влада на почетокот на 2022 а да ѝ достави на Украина околу 5.000 заштитни шлемови. Испораката наиде на остри критики и стана симбол на она што критичарите го сметаа за колеблива поддршка на Германија за Украина. Градоначалникот на Киев и поранешен светски шампион во бокс, Виталиј Кличко, во тоа време изјави: „Пет илјади шлемови се апсолутна шега. Што сака Германија да испрати како следна поддршка? Перници?“

    Веивеи изјави дека насловот „Печурки“ се однесува на изгледот на шлемовите, но и на својствата на габите: тие ја претвораат материјата што се распаѓа во нов живот и претставуваат раст во темнината. Тој додаде дека терминот потсетува и на облаците од печурки што се создаваат при нуклеарни експлозии.

    Инсталацијата може бесплатно да се посети до 2028.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира