Со криењето на промената во анкетниот лист на поранешниот премиер Никола Груевски од новинарите, претседателот на Антикорупциската комисија Горан Миленков го скрши Законот за спречување на корупцијата и стори прекршок за кој е предвидена парична казна во износ од 500 до 1.000 евра.
Во средата, на прес-конференција во врска со состојбата на анкетниот лист на Груевски по напуштањето на функцијата, Миленков пред новинарите покажа документ со имотна состојба на експремиерот, но не им дозволи на новинарите да добијат фотокопија. Овој анкетен лист го нема ни на веб – страната на Антикорупциската комисија.
Во член 56 од Законот за спречување на корупцијата во главата “Заштита на средствата за јавно информирање“, е запишано следново:
“(1) Се забранува каква било присилба, спречување или влијание на друг начин врз средствата за јавно информирање да објавуваат или да не објавуваат информации за случаи на корупција.
(2) Новинарот има право на непречен пристап до сите извори на информации во согласност со закон. Никој не може да ја исклучи јавноста од расправата за корупција пред надлежен органи или правно лице, освен кога се работи за претходна постапка што е прогласена за доверлива.
(3) Никој не може од новинарот што објавил информација за акт на корупција да бара да го открие изворот на информацијата, освен во постапка пред суд.
Новинарите од првиот човек кој треба да се бори за откривање на корупција кај функционерите во Македонија бараа детален увид во анкетниот лист на Груевски, а Миленков, чија должност е да обезбеди информација за јавноста, тоа не го дозволи. Со тоа, претседателот на Антикорупциска свесно и пред медиумите стори прекршок, за кој има пропишано соодветна казна во Законот:
“Глоба во износ од 500 до 1.000 евра во денарска противвредност ќе се изрече за прекршок на тој кој врши присилба или на кој и да било начин забранува да се објави или да не се објавува информација во случај на корупција, освен ако се остварени елементите на кривично дело, како и тој кој што го попречува пристапот кон изворите на информации спротивно на членот 56 од овој закон“, пишува во Законот.
Инаетејќи се со новинарите за анкетниот лист на Груевски, тој им рече:
“Најљубезно ве замолувам ова прашање да го затвориме за век и векови амин“. Притоа се пожали дека телефоните во Комисијата не престануваат да ѕвонат и оти сите бараат да знаат колкав е имотот на бившиот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.
“Јас не знам зошто толку се интересирате за имотот на Груевски кога тој веќе не е премиер“, се препираше со новинарите претседателот на Антикорупциската комисија.
На Миленков не му беше јасно зошто новинарите се интересираат за имотот на Груевски, кога тој веќе не е премиер. Тврдеше дека нема разлика во имотниот лист на Груевски на почетокот на стапувањето на функција и по завршувањето.