Ајкула која залутала во канал во јужнокорејскиот пристаништен град Бусан ги избегнува напорите да се врати во морето и привлекува туристи, објави новинската агенција „Јонхап“. Животното долго 3,5 метри првпат е забележано на 18 септември.
Властите распоредија пет чамци и водни млазници за да ја водат кон отворено море, но без успех. Експертите не се во можност да објаснат зошто ајкулата не се вратила во морето сама. Еден од нив изјави дека можеби имала тешкотии да се снајде во тесниот канал. Постои загриженост дека можеби не јадела откако беше откриена.
Според извештаите, повеќе од 600.000 посетители досега дошле во каналот за да ја видат.
„Јонхап“ објави дека властите планираат да направат уште еден обид во наредните денови да го вратат животното во отворено море. Овојпат, тие имаат намера да користат специјално изработена мрежа.



