ВЕШТАКОТ НА ОДБРАНАТА ТВРДИ ДЕКА ВО „ПУЛС“ СЕ ИЗВЕДУВАЛЕ САМО ЛЕСНИ ЗАНАЕТЧИСКИ РАБОТИ, РОДИТЕЛИТЕ НА ЗАГИНАТИТЕ ОТСТРАНЕТИ ОД СУДНИЦАТА ПО СООЧУВАЊЕ СО ОБВИНЕТИОТ ЈОВАНОВ

    ВЕШТАКОТ НА ОДБРАНАТА ТВРДИ ДЕКА ВО „ПУЛС“ СЕ ИЗВЕДУВАЛЕ САМО ЛЕСНИ ЗАНАЕТЧИСКИ РАБОТИ, РОДИТЕЛИТЕ НА ЗАГИНАТИТЕ ОТСТРАНЕТИ ОД СУДНИЦАТА ПО СООЧУВАЊЕ СО ОБВИНЕТИОТ ЈОВАНОВПрвообвинетиот Јованов се пожали дека му се слоши, со полициска придружба излезе на воздух. (Фото: СДК.МК)

    Адвокатката на првообвинетиот Дејан Јованов, газда на незаконската дискотека „Пулс” во која во пожар на 16 март лани загинаа 63 млади меѓу кои и деца, прва почна со директни прашања кон вештакот што го ангажирал Јованов, Петре Русески, на денешното судење во Идризово.

    Тој рече дека е вештак од областа на градежништвото. Изготвил вештачење на барање на обвинетите: Дејан Јованов, Љупчо Стаменков и на Николчо Гоцев.

    На прашање на адвокатката Ивана Коцевска, тој рече сопственик на објектот е Гроздан Милковски, а од 1.12. 2012 година имал склучено договор за закуп само за приземниот дел со правно лице Класик. Закупецот Дејан Јованов не презел градежни активности на закупениот простор, туку градежно занатски работи како ентериерно уредување на потребите на неговата дејност. Овие зафати не можат да се именуваат како реконструкција, туку како занаетчиски работи од лесен обем. Не се бетонски, не се челични”, кажа вештакот.

    Родителите дофрлуваа: „занаетчиска гасна комора! Тој до тебе ни ги уби децата”.

    Коцевска побара да нема дофрлување од јавноста.

    „Ние не сме јавност, ние сме оштетени! Ние ги изгубивме нашите деца. Извинете се!”, викаа родителите вознемирени.

    Првообвинетиот реагираше дека родителите довикнаа од место дека им ги убил децата.

    Јованов им се сврте и ги погледна, по што тие преку стаклото се соочија со него, станаа на нозе, се вознемирија.

    „Излезете малку надвор. Без вас може да се продолжи судењето, без овие овде не може”, рече судијката Дијана Груевска-Илиевска, по што судската полиција ги испрати кон вратата.

    „Без нас можете судијке, ама ние без нашите деца не можеме”, се расплака татко на загинато момче во пожарот и ја напушти судницата.

    По ова адвокатката Коцевска го распрашуваше вештакот во насока на тоа дека закупецот Јованов со cел да изврши ентериерно уредување, ангажирал лиценцирано друштво „Венци проект” од Кочани, кое изработило проект и брз база на него, објектот бил реновиран.

    Јованов се пожали дека му се слоши, со полициска придружба излезе на воздух.

    Сослушувањето продолжува.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира