Од почетокот на септември, железничкиот сообраќај на релација Скопје-Велес и обратно е редуциран. Од први септември е укинат попладневниот локален воз, кој сообраќаше од Скопје за Велес во 13:20 часот и се враќаше од Велес во 14:25 часот. Случајно или не, во истиот временски период започна да сообраќа т.н. градски воз од Скопје за Зелениково во 13:20 часот со враќање кон Скопје во 14 часот. Го нема ниту утринскиот воз од 8 часот од Скопје за Велес, ниту тој во 12:10 часот од Велес за Скопје. Честа е сликата кога патниците од железничката станица Велес се враќаат на пладне разочарани, откако нема воз кој треба да ги пренесе до Скопје или некоја од попатните станици.
„Подолго време го нема патничкиот воз кој во 12:10 поаѓаше за Скопје. Ние патуваме до првата станица Рајко за селото С’лп. Сега нема превоз, бидејќи нема пат до таму, треба да чекаме воз до вечер. И тоа малку патници кои бевме, сега сите нè избркаа“, вели велешанец, кој го користел пладневниот воз за Скопје.
Екологистот Игор Смилев, кој за себе вели дека е последниот корисник на железничкиот патнички превоз, реагира дека и така намалениот број возови низ земјава сега е уште помал.
„Со воведувањето на градскиот воз за Зелениково се жртвуваа сите локални возови од Велес кон Скопје, освен ноќниот, за кој не постои сведок дека некој некогаш го видел. Железничката станица во Велес зјае празна, патници нема, духот и традицијата на градот се скршени. Од железнички град со илјадници студенти и работници корисници на возот не остана ништо, патниците се бројат на прсти на рака“, вели Смилев.
Од Македонски железници (МЖ)-Транспорт ги отфрлаат обвинувањата дека поради градскиот воз за Зелениково е запоставен другиот патнички железнички превоз за другите градови.
„Утринскиот од Скопје и пладневниот од Велес кон Скопје е времено стопиран поради малиот број патници. Со другите линии проблемот е со намалениот број на машиновозачи, имаме проблем со стручен кадар. Ова што се случува нема никаква допирна врска со градскиот воз за Зелениково. Не знам зошто луѓево го врзуваат него со другите линии. Има доволно возови за железнички сообраќај, имаме шест патнички вагони. Две локомотиви кои се наменски само за патнички сообраќај. Ние не сме имале толку гарнитури за сообраќај колку што имаме сега. Три дизел, две електрични, плус т.н. ‘шпанец’, кој беше репариран“, вели директорот на МЖ-Транспорт Горан Јовановски.
Во пракса, во Македонија сега сообраќаат осум воза: три патнички воза за Битола, два за Гевгелија, еден за Велес и два за Куманово, исто толку и назад кон Скопје.
Остана забележано дека на 1 септември, кога штрајкуваа машиновозачите и возовите стоеја, сепак тој ден возеше градскиот воз од Скопје за Зелениково и назад. Тие машиновозачи не штрајкуваа.
Од година в година се намалува бројот на патници, но и бројот на активни железнички линии. Лани МЖ превезло 177.775 патници, а годината претходно 237.648, додека во 2023 година 280.440. Ова се податоци објавени од Државниот завод за статистика (ДЗС). Од мај 2021 година не сообраќаат возовите кон Кочани и Кичево.
П. ПЕЧКОВ



