Реката Вардар на влезот во Велес, кај Башино Село, и на излезот, кај Долни Дуќани, има регистрирано нитрити, што укажува на старо и ново фекално загадување, покажуваат анализите на велешкиот Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ), кои ги објави Општината. По извршените анализи на примероците земени на 17 септември, констатирано е дека и на двете мерни места на Вардар низ Велес е 3. класа, односно не е во највисоката, најлоша 5. класа на бактериска контаминираност, како што беше пред десетина години.
Останатите параметри се 5. класа по присутна матност и амонијак, 4. класа по присуство на фосфати, што укажува на непречистена канализација и испуштање води од домаќинствата кои користат детергенти што содржат фосфати, отпадни води од фабрики и преработувачки капацитети кои користат фосфорни соединенија. Останатите испитани параметри се во 2. и 1. класа.
Од извршените испитувања и стручната анализа, стручните лица од ЦЈЗ Велес заклучуваат дека водите на Вардар на мерните места Башино Село и Долни Дуќани не може да се користат за капење и рекреација на луѓето.
Реката Тополка кај Пашин Мост, кај Чашка, и кај вливот во Вардар кај Велес, како и реката Бабуна на градската плажа и низводно од неа одговара на 3. класа по бактериска контаминација и присутна матност, а останатите испитани параметри се во 2. и 1. класа.
Примероците од овие четири мерни места се земени на 17 септември. Кај овие две реки не е констатирано присуство на нитрити и фосфати, што укажува дека нема фекално загадување. Но, поради бактериското присуство од трета класа, реките не се препорачливи за капење и рекреација.
П. ПЕЧКОВ



