Претставата „Франкенштајн“ на Театарот за деца и младинци во Скопје освои Награда за колективна игра на 11. издание на Меѓународниот фестивал за анимација „Под волшебното стапче на Мерлин“, кој се одржа од 27 септември до 4 октомври во Темишвар, Романија.
Претставата се играше на 1 октомври на големата сцена на Унгарскиот државен театар „Чики Гергељ“ за публиката и стручното жири на фестивалот.
„Меѓународното жири ги препозна и вреднуваше уметничката синергија, прецизноста и емоционалната ангажираност на актерскиот ансамбл, доделувајќи му го признанието за колективна игра. Претставата ‘Франкенштајн’, преку оригиналниот сценски јазик и актуелната тематика, уште еднаш покажа дека уметноста не познава граници и може да допре и до младата и до возрасната публика ширум светот“, велат од Театарот за деца и младинци.



