АГЕНЦИЈАТА ЗА ЛЕКОВИ ЌЕ ГИ ПРОВЕРИ СИТЕ СЕРИИ НА БСЖ ВАКЦИНАТА, ОДЛОЖУВАЊЕТО Е ПРИВРЕМЕНО, ВЕЛИ КОМИСИЈАТА ЗА ИМУНИЗАЦИЈА

    АГЕНЦИЈАТА ЗА ЛЕКОВИ ЌЕ ГИ ПРОВЕРИ СИТЕ СЕРИИ НА БСЖ ВАКЦИНАТА, ОДЛОЖУВАЊЕТО Е ПРИВРЕМЕНО, ВЕЛИ КОМИСИЈАТА ЗА ИМУНИЗАЦИЈАД-р Грозданова и д-р Ставриќ кажаа дека вакцината се дава при раѓање, препораката е при раѓање сите новородени да се вакцинираат, меѓутоа може поради разни причини и да се одложи, а во тек на првата година се препорачува да се прими БСЖ без никакви тестирања. (Фото: МИА)

    Во Македонија во моментов нема пријавен случај од несакана реакција од вакцната БСЖ, кажа денеска проф. д-р Александра Грозданова, претседателка на Комисијата за имунизација. Македонија го одложи вакцинирањето на новороденчиња со вакцината БСЖ, откако Хрватска ја прекина имунизацијата поради несакани реакции.

    Станува збор за вакцината произведена од бугарската компанија „Бул Био НЦИПД“ од Софија. Од Министерството за здравство соопштија дека станува збор за ист производител, па веднаш е контактирана Агенцијата за лекови и медицински средства (МАЛМЕД) и се побарани информации за сериите на вакцини што се користат во нашата држава.

    Д-р Грозданова потсети дека оваа вакцина се користи долги години кај нас, повеќе од 20, и дека истата се користи и во Бугарија како земја-производител, меѓутоа и во неколку европски земји, како што се Хрватска, Унгарија и Романија.

    „Разгледувајќи ги аспектите коишто ги имаме во предвид, а тоа е дополнително дека Македонија е земја од ризик во однос на туберкулозата и дека кај нас е задолжителна оваа вакцинација, за разлика од Хрватска каде што имаат многу низок степен во однос на туберкулозата, од голем интерес е вакцинацијата да биде на високо ниво, особено и со оваа вакцина. И затоа, оваа вакцина е во редовниот задолжителен календар во нашата земја“, рече таа.

    Имајќи ги предвид четирите пријавени случаи во Хрватска, Комисијата за имунизација ја контактирала Агенцијата за лекови МАЛМЕД.

    „Во нашата земја е пријавен само еден случај, којшто воопшто не е остеомиелитис – воспаление на коска – она што е пријавено во Хрватска, туку станува збор за локална реакција при апликација на БСЖ вакцината и тоа било во 2022“, кажа Грозданова.

    Таа додаде дека од Институтот за туберкулоза пријавиле оти имаат 95 пациенти, од кои 83 се регистрирани во 2026,  активни случаи на туберкулоза. Во моментов, во Клиниката за белодробни заболувања кај децата „Козле“ се хоспитализирани три деца, активни случаи, за 2025 тие имале 15 случаи, а во 2026, 12 нови случаи.

    „Во последните само две години имаме активни случаи коишто во принцип се повеќе или помалку исти годишно и оттука е потребата всушност да бидат истите индивидуи вакцинирани. Сите овие случаи се или невакцинирани или со непознат вакцинален статус“, кажа таа.

    Препораката се дава во следните неколку дена, додека МАЛМЕД не ги собере точните информации во однос на сериите и дали постои воопшто директна поврзаност помеѓу вакцината и состојбата којашто настанува, тоа е остеомиелитис. Д-р Грозданова изрази надеж дека времено се одложува вакцинацијата и дека веќе од следната недела таа ќе биде континуирано продолжена.

    „МАЛМЕД ќе ги истражи сите серии коишто ги има поназад во комуникација со производителот, со добавувачот. На институционално ниво ќе комуницира со агенциите од регионот за да видат дали станува збор воопшто за серија или станува збор за повисока инциденца којашто се јавува кај ова заболување. Во збирниот извештај остеомиелитисот е ставен во исклучително ретка појава како несакана реакција од оваа вакцина. Ги разбирам сосема родителите и сочувствувам со прашањата коишто ги имаат, меѓутоа во исто време ви кажувам дека милионски дози од оваа вакцина буквално и во моментот се даваат, затоа ги споменав оние европски земји коишто се многу поголеми по популација од нас“, рече д-р Грозданова.

    Д-р Грозданова и д-р Катарина Ставриќ, педијатар-имунолог и членка на Комисијата за имунизација, кажаа дека вакцината се дава при раѓање, препораката е при раѓање да се вакцинираат сите новородени, меѓутоа може поради разни причини и да се одложи, а во тек на првата година се препорачува да се прими БСЖ без никакви тестирања. По првата година, ако детето нема податок, не е евидентирано во родилиште дека примило БСЖ, тогаш веќе се препорачува да се направи манту кожен тест и после година дена ако е манту-тестот негативен, тогаш се препорачува да прими БСЖ вакцина.

    Д-р Ставриќ рече дека во принцип, според клинички симптоми на остеомиелитис станува збор за сериозно тешко заболување и може да биде предизвикано од најразлични предизвикувачи, а се манифестира преку сериозни симптоми, температура и нарушување на општата состојба, губење апетит, замор.

    „Со оглед дека досега навистина немаме регистрирано остеомиелитис како компликација на БСЖ-вакцина, мислам дека нема потреба да се прави паника меѓу родителите. Секако, каков било здравствен проблем ако има детето, треба да се консултираат со нивниот матичен педијатар или матичен доктор за да се проследи. Сега е сезона, односно почнуваат респираторни инфекции, ќе имаат и температура и горнореспираторни симптоми на инфекција, така што мислам дека нема место за паника“, кажа д-р Ставриќ.

    Прашана дали може да се набави вакцината од друг производител д-р Грозданова рече дека лимитирани се производителите воопшто на БСЖ-вакцината.

    „Пред одреден број години беше еден полски производител, меѓутоа ние со години, исто како земјите од регионот, ја користиме оваа БСЖ-вакцина од ‘Булбио’ од Бугарија, токму поради тоа. Вакцината по распоред и календар се прима најдоцна 72 часа во родилиште, меѓутоа имате одложување и за ден, и за недела, и за месец до првата година. Што значи дека децата ќе останат заштитени, но од друга страна, мора да бидеме свесни и за тоа дека сме ендемско подрачје за туберкулоза и дека треба да ги заштитиме. Секако, доколку се потврди каква било асоцираност, ќе се направат напори да се набават вакцини коишто ќе може да ги користиме. Редовниот календар за имунизација не треба да биде прекинат“, одговори д-р Грозданова на новинарско прашање.

    Во меѓувреме, за бебињата кои се испуштаат дома, таа посочи дека ако во семејството или во околината во којашто живеат има потврдени случаи, во тој случај, тие треба да бидат заштитени.

    „Мислам дека уште во тек на утрешниот ден, колегите од Институтот за туберкулоза (ТБЦ) ќе комуницираат на начин што треба и како треба да се прави“, додаде таа.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира