СТОТИЦИ ИЛЈАДИ ЛУЃЕ СЕ ПРИДРУЖИЈА НА УЧЕНИЧКИТЕ ПРОТЕСТИ ВО ФРАНЦИЈА, ПОЛИЦИЈАТА СЕ СУДРИ СО ДЕМОНСТРАНТИ ВО ПАРИЗ

    СТОТИЦИ ИЛЈАДИ ЛУЃЕ СЕ ПРИДРУЖИЈА НА УЧЕНИЧКИТЕ ПРОТЕСТИ ВО ФРАНЦИЈА, ПОЛИЦИЈАТА СЕ СУДРИ СО ДЕМОНСТРАНТИ ВО ПАРИЗДемонстрациите на кои се изразува незадоволство од состојбата на училишните згради, недостигот на наставници и од пренатрупаните училници траат со денови. - Од денешниот протест во Лил (Фото: СДК.МК)

    Околу 450.000 луѓе се придружија на денешните ученички протести низ Франција, објавија организаторите, од кои 100.000 во Париз. Француското министерство за внатрешни работи излезе со помали бројки, велејќи дека на улиците излегле 256.000 луѓе.

    Протестите во Париз станаа и насилни, при што група од околу 300 луѓе се судри со полицијата.

    Демонстрациите на кои се изразува незадоволство од состојбата на училишните згради, недостигот на наставници и од пренатрупаните училници траат со денови, но за денеска беше прогласен национален ден на протести, па се приклучија и трговски синдикати, универзитетски професори, учители и родители, давајќи им поддршка на децата.

    Министерството за образование соопшти дека наставата е целосно или делумно откажана во 891 средно училиште. Од еден синдикат кажаа дека бројот на затворени средни школи е 2.000.

    Француските медиуми известуваат дека претседателот Емануел Макрон вечерва ќе се сретне со министри во Елисејската палата. Се очекува на средбата да присуствуваат премиерот Себастијан Лекорну, министерот за образование Едуар Жефре и министерот за внатрешни работи Лоран Нуњез.

    Полицијата распореди огромни сили за денешните протести, додека министерот Нуњез ја бранеше употребата на шок-бомби за растерување толпи, што досега предизвика неколку сериозни повреди.

    „Не можеме да ја разбереме оваа репресија. Огромното мнозинство ученици ги осудуваат насилството и уништувањето на имотот. Едноставно, сакаме нашите барања да бидат слушнати. Размерите на овие демонстрации ќе помогнат да покажеме колку многу луѓе ги поддржуваат овие барања“, изјавија за „Ле Монд“ две ученички од Рен.

    Лекорну изјави дека во судирите досега се повредени најмалку 215 тинејџери, 85 вработени во училиштата и повеќе од 700 полицајци.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира